Верувам дека гледате и следите како набрзина се брише, се ништи, се што е македонско. Исчезнува придавката македонски пред институциите, ги менуваат топонимите, од соседите слушаме дека дека македонскиот јазик бил дијалект на бугарскиот

Објавил: Македонка Димкин | 3 февруари, 2020 16:24

Игор Дурловски: Вечерва сум илјадници километри далеку од дома, но без чувство дека сум во туѓина!

Фото/Текст извор: ©магазин

Веќе неколку години, светот го запознава басот Игор Дурловски како интерпретатор на партии од оперскиот и концертниот репертоар. Тој ги третира музичките стилови со вистинска палета на расположенија, почнувајќи од улогата на Плутоне во Евридика на Јакопо Пери, до ролјата на свештеникот во операта “Посета на старата дама” на Готфрид Фон Ајнем.

Во јавноста името на Дурловски се споменуваше откако тој беше осуден за настаните во Собранието на 27-ми април. На 15 март годинава обвинетиот Игор Дурловски беше ослободен од обвинението за тероризам, а беше одлучено трошоците за Дурловски да паднат на товар на буџетот на Република Македонија, и тој редовно да се јавува во суд.

Вчера вечер Игор Дурловски беше гостин на 49. „Гоцева – комитска вечер“ во Торонто.

Дозволете ми на почетокот да ве поздравам и срдечно да ви се заблагодарам за укажаната чест да бидам со вас, на овој голем настан , кој го слави името на македонскиот револуционер Гоце Делчев почна Игор Дурловски пред многубројната публика во Торонто видно возбуден.

»Вечерва сум илјадници километри далеку од дома, но без чувство дека сум во туѓина, бидејќи сум меѓу пријатели, меѓу свои, бидејќи силно ја чувствувам  вашата љубов кон татковината и сплотеноста во желбата да си ја сочуваме државата во овие тешки и мрачни премрежија. Токму заложбите за правда и родољубието на големиот Гоце Делчев денес му се и повеќе од потребни на секој Македонец! Затоа овој настан е убава можност да се потсетиме на неговиот влог, да се поклониме пред неговото дело и храбро и одлучно, да ја прифатиме нашата историска задача и одговорност, да ја сочуваме Македонија за идните генерации.

Ценети браќа и сестри,

Во изминативе две години се соочив со најголемите предизвици во мојот живот. Освен како уметник, којшто со гордост ја претставувал татковината насекаде низ светот, заедно со моите истомисленици се посветив и на борба за Македонија.

Насетувајќи дека може да се случи она кое што за жал подоцна и навистина го доживеавме, решив да се вклучам во граѓанската иницијатива “За заедничка Македонија”, каде со денови и месеци бевме по улиците низ целата држава, секој како што умееше и можеше. Сторивме се за да ја зачуваме унитарноста, да ја сочуваме Македонија за која се бореа нашите предци. И поминавме многу. Потоа, следеше завршниот удар – заради бранење на Уставот, не затворија со обвинението “терористичко  загрозување на Уставниот поредок” и упатија силна и јасна порака-дека никој не смее да им се спротистави во исполнувањето на нивните замисли за иднината на нашата земја. Живот во молк и со наведната глава! Разделени и поделени!

»Верувам дека гледате и следите како набрзина се брише, се ништи, се што е македонско. Исчезнува придавката македонски пред институциите, ги менуваат топонимите, од соседите слушаме дека дека македонскиот јазик бил дијалект на бугарскиот, некоја „стручна“комисија ни ги ревидира учебниците, ја менува историјата. Уште еден катастрофален пример е што веќе трета година во Република Македонија  не се доделува државната награда што го носи името на великанот Гоце Делчев.«

Драги пријатели,

Македонскиот народ не смее да се потценува. Македонската дијаспора исто така не смее да се потценува. Знаеме колку голем, чист и искрен е вашиот патриотизам. Тие се плашат од него. Но, затоа поддршката од вас за нас е драгоцена и од срце сакам да ви се заблагодарам за се. Оваа благодарност не е само од мене, туку и од Македонците кои во моментов уште лежат во затворските ќелии, осудени на долгогодишни казни.

Во периодот што следува пред нас стои огромна задача. Мораме да им покажеме дека овој народ, каде и да е, е мудар. Македонскиот народ постои. Можеби е мал по бројност, но е голем по суштина и значење, а епски по својата историја која нема да дозволиме никој да ја избрише. Ние, Македонците сме повторно на нозе. И нивниот удар врз нашето минато, врз сегашноста и иднината на генерациите што доаѓаат , не  прави само посилни. Она што, верувам, е заедничко за сите нас е силната верба и оптимизмот. Ја имаме правдата и вистината на наша страна и знам дека ќе успееме да се издигнеме и да излеземе од оваа темнина.

Затоа ни треба вашата поддршка. Со разум, со мудрост, да се обединиме за  Македонија . Да му покажеме на светот дека оваа медена земја постои и ќе постои, дека е наша и нема да дозволиме да биде територија за поткусурување! Ние сите заедно мораме да излеземе како победници. Посилни од кога било кога. Можеме да победиме само сплотени заедно! Ќе завршам со мудра мисла на великанот Гоце Делчев, кој верувал дека, не силната индивидуа, туку организираната сила на народот треба да ја извојува победата.

Да сте ми живи и здрави, да живее Кaнада, да живее Републка Македонија! Ви благодарам!

„Гоцева вечер“, организирана од „Обединети Македонци“ од Канада, се одржа во македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во чест на роденденот (4 февруари 1872 година) на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.