Во Битолската јавност најспоменувани имиња за пратеници се оние на Соња Карапаец (СДСМ) и Проф. Силвана Ангелевска (ВМРО-ДПМНЕ)

Објавил: Данаил Михајловски | 20 февруари, 2020 14:13

Избори се ближат, Битола веќе има кандидати за пратеници

Фото/Текст извор: ©магазин

Битолските политички ограноци, особено од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, веќе ги спремаат своите кратки листи за кандидати за пратеници. Според политички извори во двете партии, она што досега е сигурно е дека еден од повеќето кандидати на СДСМ за пратеник ќе биде Соња Карапец, која е претседател на ЦО на СДСМ, а истовремено е и директорка на студентскиот дом “Кочо Рацин“ во Битола. Карапец важи за блиска до претседателот на СДСМ Зоран Заев, но исто така и до поранешниот генерален секретар Кирацовски, кој сеуште влијателен во Битола. Извори од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека кај нив сеуште прават анкети и анализи, но голема е веројатноста Проф. Д-р. Силвана Ангелевска, које е и член на Извршниот комитет на партијата, да биде еден од сигурните битолски кандидати на оваа партија за изборите. 

Бидејќи се работи за голема општина, со најголем број на гласачи во ИЕ-5, битолчани очекуваат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да имаат повеќе кандидати од Битола на своите пратенички листи. Во СДСМ, освен директорката Соња Карапец, во сериозна конкуренција за некое од добитните места на листите се и следниве битолчани:

  • Горан Козаров, член на СДСМ, регионален координатор за ИЕ5, а истовремено и директор на ЈП Водовод

  • Елизабета Наумовска, заменик министер за образование, амбициозна жена, која ужива авторитет кај членството на СДСМ и

  • Горан Милевски, претседател на ЛДП, на кого му е ветено добитно 3то или 4то место на листата, како дел од коалициониот договор

  • Васко Ковачевски, директорот на ЕЛЕМ, кој има плодна соработка со Вице Заев, има амбиција за пратенички мандат, но прашање е дали ќе има место на добитните позиции, особено ако се земе предвид дека СДСМ има исто така обврски за пратеници и кон своите организации во Охрид, Ресен, Струга и Кичево, кои се дел од ИЕ5.

Во Битола на претседателските избори своето право на глас го искористиле околу 46.000 гласачи, што е убедливо најголемата бројка на гласови споредено со Струга, Охрид, Ресен, Кичево и другите општини во ИЕ5.

Во ВМРО-ДПМНЕ, освен за професорката Силвана Ангелевска, се зборува и за докторката Олга Лозановска, које важи за долгогодишен и угледен здравствен работник во битолската болница. Исто така во игра е и претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Иванчо Тошевски, како и младиот Марко Јосифовски, кој е претедател на партискиот подмладок во Битола, а по професија е осигурителен брокер. Иако нема потврда, сепак не е исклучена и можноста на листата на битолските кандидати за пратеници од страна на ВМРО-ДПМНЕ да се најде и популарлниот оперски пејач Игор Дурловски, кој е роден во Битола во 1977 година и ужива добри симпатии во градот на конзулите. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.