Да не е војната во Украина, апсењето на Бојко Борисов во Бугарија секако би била најважната регионална вест во неделата зад нас.

Објавил: Перо Милчин | 19 март, 2022 10:39

Има ли Македонија врска со апсењето на Борисов?

Фото/Текст извор: ©sloboden pecat

Да не е војната во Украина, апсењето на Бојко Борисов во Бугарија секако би била најважната регионална вест во неделата зад нас.

Прво на Борисов му определија 24-часовен притвор, за да ги даде првичните изјави пред истражните органи, но никој, па дури ни неговите адвокати во јавноста не кажуваат за каков точно „сомнеж за корупција“ кривично се товари поранешниот бугарски премиер со дури десетина години премиерски стаж, во три различни мандати од 2009 година наваму, а пред тоа и градоначалник на Софија. Потенцијалното „мени“ на обвинението е толку големо, што е јасно дека тоа може да биде долг и разновиден „обед“ со повеќе служења, од разновидни мезиња и аперитиви, до избор на десерти и дижестиви. Такви се и првичните коментари и шпекулации во сите бугарски медиуми!

Борисов е живописен лик. Интелигентен и шармантен итрец, ноу-нонсенс типче, излезен како од некоја популарна ТВ-продукција за преплетот на бизнис-криминално-политичките „црева“ на пост-социјалистичките балкански транзиции. Како што е познато, типично за најпропулзивниот вид на кадри по распадот на комунизмот (кога не беше неважно дали имате набилдан дебел врат и некоја боја на појас во карате, во неговиот случај „7 дан црн појас“, како што му раскажа своевремено при средбата на Барак Обама), пред да влезе во високата политика, тој крачка по крачка (стапки, де!) ја билдаше својата „безбедносна“ биографија. Во осумдесеттите, прво пожарникар, па потоа предавач на софиската Полициска академија и тамошниот Интитут за безбедност, го дочека падот на комунизмот без да сака јавно да се дистанцира („деполитизира“) од својата комунистичка биографија. Во 1991 година излезе со ранг на мајор од бугарското МВР и ја основаше приватната фирма за обезбедување „Ипон-1“. Беше обезбедувач на Тодор Живков, но стигна да биде и шеф на приватното обезбедување на царскиот наследник на бугарскиот престол (1943-1946) Симеон Сакс-Кобург-Гота Втори. Така и влезе во високата политика.

Во облак од прав

Првпат Бојко Борисов го сретнав на почетокот на двеилјадитите години кога, со ранг на генерал, неколку години во премиерскиот мандат (2001-2005) на Симеон Втори ја извршуваше функцијата Главен секретар на бугарското МВР. Со функцијата одеше и координацијата на сите цивилни тајни служби на Бугарија, а тие беа неизбежна составна мирудија, а често и главна содржина на сите бугарски општествено-политички „манџи“. Тоа е периодот кога со невидена жестина продолжија стотиците внатребугарски, ситни и крупни, криминално-политички пресметки (со пиштоли, бомби, снајпери и калашњикови по улиците, канцелариите и рестораните, главно, низ Софија, но и надвор од земјата), во чија позадина, барем во еден дел, стоеја и прокси-пресметките меѓу Вашингтон и Москва за своето влијание и контрола во Бугарија. Впрочем, гледаме, и денеска таа тема не е исцрпена, иако јавно се одвива на пофин политички начин.

Средбата со него – во тоа време, се подготвував за интервју со Симеон Втори, а тој му беше еден од најблиските соработници – ми ја закажа во еден од елитните ресторани на планината Витоша, иавишена над Софија. Како што е ред, јас дојдов нешто порано и бев среде „тепање време“ во прекрасниот видик од ресторанската тераса, кога на паркингот на ресторанот со огромна брзина влета едно „набричено“ ауди-кватро и, со рели-маневар и квичење на гумите, конечно застана во облак од прав! Од возачкото седиште излезе Бојко, смеејќи се на глас и гестикулирајќи кон двете возила од неговото обезбедување кои едвај се приближуваа кон него – јасно е, ги имаше претркано барем со 30 секунди разлика!
Тој видно расположен, јас малку вчудовиден, се поздравивме и влеговме да седнеме во ресторанот. На седнување, нов шок за мене: генералот Борисов извади еден сребрен колт, со големина на новороденче како од филмовите на Клинт Иствуд, и го стави под перничето на празната столица до себе. „За секој случај!“, се насмеа, по што можевме да тргнеме со муабетот…

Хммм… На човекот кој, меѓу другото, ќе го уапси во Софија прочуениот балкански криминалец Јоца Амстердам, еден колт под перниче веројатно може да му се прости.

Видеотеки за возрасни

Останатото се разни истории. Но, дека Борисов („човекот од народот“) не може да се сведе само на анегдоталните скаски (барем за него ги има безброј) како моето прво искуство со него, говореше и „густата“ приказна низ која помина Бугарија во времето кога тој директно учествуваше во градењето на нејзината современа историја. За време на „Царевата влада“, Бугарија се приклучи во 2004 година во НАТО, а тој (унапреден во чинот полициски генерал потполковник од страна на претседателот Георги Прванов) ќе биде избран и за градоначалник на Софија. Остана во врвот на безбедносните и политичките структури во земјата сѐ до конечната кавга со тогашниот министер за внатрешни работи Румен Петков. Подоцна, кога во 2007 година, Софија беше примена во ЕУ, Борисов веќе беше на чело на ГЕРБ со која во 2009 убедливо ќе победи на парламентарните избори и десетина години, до лани, ќе владее со земјата.

Знаеме и ние како изгледа „модерната“ балканска политика, но колку за илустрација, нашиве македонски подземно-надземни политички пресметки – со исклучок на 27 април и настаните пред и потоа – се „детска градинка“ во однос на валканите игри на моќ, големи пари и пресметките што траат со децении помеѓу „завојуваните“ бугарски страни. Криминал и корупција? Хахахахаааа… Ви се молам, да не се навредуваме со наивни прашања!

Сакам да кажам, Бојко Борисов, ако решат, веројатно можат да го апсат за што сакаат. Последната вест од Софија е дека тамошниот надлежен обвинител наводно имал снимени докази на кои се гледа дека Борисов прима поткуп од некого. Си мислам, колкава ли мора да е таа обвинителска видеотека „за возрасни“, како оние снимки што протекоа лани од Борисовата спална соба, со туцињата евра-петстотки и револверот на наткасната!? Но, што баш сега, во глобалната безбедносна криза, кога Бугарија се клати како „пијан морнар“ на чија страна да застане? … Само да не биде, после театралното приведување и не толку церемонијалното пуштање од притвор, дека снимките од видеото за Борисов (ако ги има) се оштетени, некако матни и дека не можат да се препознаат ликовите на него…

Генерациско проветрување?

Сепак, кога е бивш премиер во прашање, во равенката со долгогодишната „комплексност“ во работата на Борисов и со западната поддршка што отворено ја добива неговиот наследник Кирил Петков, не може да се избегне впечатокот и дека „неиспорачувањето“ на Договорот за соработка со Македонија, на кој стои Борисовиот потпис, некој можеби му го земал како „отежнителна околност“ во регионалната математика на балансот на силите. Борисов, де факто, наместо во решавањето, се погрижи да се пролонгира уште еден (нашиот со Бугарија) „замрзнат конфликт“ на Балканот. И тоа на навистина грд и непродуктивен начин, кога неговото премиерско молчење звучеше многу погласно од провокациите на Каракачанов и навредите на Захариева.

Бојко, долгогодишниот „царски намесник“ за решавање на овој вид „виши математики“, би морал тоа добро да го разбира.

Македонија, сама по себе – да, насловот на овој текст е провокација – нема врска со апсењето на Борисов. Но, можеби има „поширока“ врска со тоа што една цела генерација политичари на Балканот ќе мора да си замине од политиката, за регионот да зачекори кон подолгорочна стабилност и просперитет. И тоа не мора да е силна гаранција, но тој мачен процес можеби е дел од некаков „нов почеток“, чиј симбол во Бугарија е премиерот Кирил Петков. Нему навистина ќе му требаат врвни „џиу-џицу“ политички вештини за да се ослободи од каратистот Борисов. Ќе видиме дали ги поседува.

Сашо Ордановски

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.