Првичната истрага за „Империја“ според Обвинителството покажала дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие, според првичната истрага и информациите кои Обвинителството ги споделуваше, го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.

Објавил: Перо Милчин | 29 април, 2022 17:33

„Империја“: Камчев се спогоди и исплати пет милиони на државата, a со Јосифовиќ добија и по една година затвор

Фото/Текст извор: ©a1 on

Бизнисменот Орце Камчев се спогоди за случајот „Империја“. Обвинението ќе биде повлечено и за неговата сестра Кристина Камчева – Стојчевска, како и за мајка му Ратка Куноска – Камчева. „А1он“ од судски извори дознава дека Камчев во државниот буџет веќе исплатил 5,3 милиони евра.

Со судската спогодба, тој се согласил да добие една година затвор, со што, случајот за него ќе биде целосно запрен. Исто така, Камчев заедно со Ненад Јосифовиќ ќе и исплатат и 1,7 милиони евра на Кираца Трајковска, која беше акционерка во „Фершпед“ и се водеше за оштетена во случајот бидејќи Камчев и Сашо Мијалков беа осомничени дека ја измамиле и ја натерале да ги продаде акциите, од кои за неколку дена заработиле околу три милиони евра!

Спогодба според извори на „А1он“ во судот има и бизнисменот Ненад Јосифовиќ. Тој исто така се спогодил со обвинителката Лиле Стефанова и добил една година затвор. Со оглед дека повеќе месеци беше во притвор, тој има помалку од година затвор за издржување, со што ќе може да побара одлагање и да користи погодности.

Иницијатива за спогодување има и ексдиректорт на УБК, како и осомничен во „Империја“, Сашо Мијалков.

Засега, нема склучена спогодба и со него се преговара. Обвинителката Стефанова веќе кажа дека спогодувањето зависи од тоа дали осомничените бизнисмени се спремни да ги вратат парите кои ги стекнале со кривични дела во буџетот.

Кривичниот суд нема изготвено писмена одлука за спогодбата. Извори за „А1он“ велат дека таа ќе биде направена во идните денови. Истовремено, одмрзнат е и имотот, со оглед дека оштетеното побарување е наплатено по спогодувањето.

Првичната истрага за „Империја“ според Обвинителството покажала дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие, според првичната истрага и информациите кои Обвинителството ги споделуваше, го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.

Сега, прогонот за Камчеви и Јосифовиќ за дел од случајот „Империја“ кој се однесува за перидоот до 2009 година е запрен. Останува и натаму да се види дали Стефанова ќе се спогоди или ќе поднесе обвинение за бизнисменот Цветан Панделески, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.