Магазин ви го објавува првото интервју на Дурловски за медиумите.

Објавил: Магдалена Стојмановиќ | 11 март, 2020 9:51

ИНТЕРВЈУ СО ДУРЛОВСКИ: За Mагазин открива зошто од уметност се префрли на политика!

Фото/Текст извор: ©магазин

Магазин подготви прашања за еден од најпознатите носители на изборни единици во јавноста – Игор Дурловски. Неговото појавување како носител на избирачка листа беше изненадување за поголем дел од луѓето, а ние решивме да го прашаме што го мотивираше да се вклучи во избирачката кампања на ВМРО-ДПМНЕ

Македонската јавност ве перципира како голем патриот и борец за правдата на македонскиот народ. Од каде извира вашиот патриотизам и на што тој се должи?

»Патриотизмот е нераскинлив дел од моето битисување. Роден сум во Македонија и силно ја љубам мојата земја. Ниедно друго место не го чувствувам како дома. Моите професионални успеси ми овозможија да можам да одбирам каде да живеам. И секако, и јас и мојата сопруга, одбравме да се вратиме тука, во Македонија. Секогаш кога настапувам на светски познатите оперски сцени сум горд кога ќе слушнам “Дурловски од Македонија”. Секогаш кога можам, пејам на македонски јазик, пејам македонски дела, го трасирам патот за другите македонски уметници. И само мојот народ го слави мојот успех како свој. И моја и задача на секој македонец е сериозно да работиме за новите генерации да разберат и запомнат дека националниот идентитет е нераскинлив дел од нашиот личен идентитет. И дека кога го губиме националното чувство на припадност, губиме дел и од сликата за самите себе. Борец за правда ќе бидам секогаш кога некој распродава нешто што е свето за мене и мојот народ.

Каде постои патриотизмот, дали е тоа само збир од идеи, емоции, спомени, за што го врзувате вие патриотизмот?

»Мостот меѓу мене и мојата земја, меѓу мене и моите предци и моите поколенија, чувството на припадност, топлината и сигурноста што ја чувствуваш само дома, гордоста што ја споделуваш со светот кога говориш за својата земја. Сето тоа е патриотизмот. Тој не се учи – тој доаѓа од срцето, од сопственото битие. Тој е и одговорност што ја носиме со себе, каде и да сме низ светот. Со тоа чувство настапувам насекаде. Така го доживувам секое признание за мојата работа. Со себе секогаш ја носам приказната за Македонија. За овој мал народ по бројност кој има голема историја и големо значење. Она што е важно, е Македонецот, каде и да е, да не престане да се идентификува со земјата во која е роден и со народот на кој му припаѓа.

Иако во народот сте деклариран како патриот и како заштитник на Уставот и интересите на Македонците, ОЈО го виде вашиот ангажман како вреден за покренување на обвинение за настаните од 27 април, а потем судот одлучи да ве ослободи од тоа обвинение. Каде лежи правдата и дали народот е инстанца која ја оценува правдата или тоа се судот и другите граѓански институции?

Дурловски е единствениот ослободен од обвинението на ЈО по повод настаните на 27ми април.

»Се уште верувам дека силата е во народот. Во тоа верував и кога сите заедно излеговме да протестираме, сплотени во борбата за да ја сочуваме унитарноста, да ја сочуваме татковината. Тоа беше силна енергија за „Заедничка Македонија!“ Обвинението за „тероризам” заради мојот патриотизам не може да биде правда. И тоа им беше јасно на сите. Сепак, ме притворија. Минав месеци разделен од семејството, од пријателите и со тоа го преплашија и го замолчија народот. Сепак, успеав да ја докажам својата невиност и да го победам нивниот систем бидејќи не постои ниту еден доказ за ваквото конструирано обвинение.

Вреди ли да го ризикувате вашето удобство, вашата репутација и вашата слобода за идеали и за патриотизам и што се сте подготвен да направите за својот народ?

»Мојата репутација не била нарушена во ниту еден момент. Јас бев притворен без вина, лежев во затвор заради тоа што ја пеев македонската химна, затоа што повикував на почитување на Уставот на Република Македонија, затоа што верувам во правда и морал! Удобствата можат да ти ги одземат и тоа го направија, но слободата на мисла, на говор не успеаја да ми ја одземат. Ја одбив амнестијата затоа што не бев виновен. Бев решен да го докажам тоа по секоја цена. И повторно ја пеев и ќе ја пејам македонската химна. Мораме да го вратиме одземеното достоинство, да се соочиме со сите неправди нанесени кон македонскиот народ и да ги оставиме зад нас овие темни денови, да го вратиме оптимизмот и достоинството на македонскиот народ.

Што за вас значи промена на власта доколку се случи и дали промена на власта ќе ви донесе повеќе слобода, подобар живот и подобра општа благосостојба?

»Убеден сум дека народот ќе го направи вистинскиот избор, дека ќе застане на страната на правдата, на страната на победниците. Исто толку сум убеден дека многу набрзо по промената на власта, народот ќе го почуствува подобрувањето на нивниот живот. Ќе понудиме квалитетна програма која ќе допре до сите пори во животот на граѓаните, бидејќи ќе бидеме со нив, ќе ги решаваме нивните проблеми и ќе се заложиме максимално да ја подобриме нивната благосостојба.

Во текот на кампањата ќе ја претставиме нашата програма пред граѓаните, ќе ги слушнеме сите нивни мислења и заедно со нив ќе се избориме да создадеме подобро општество за сите граѓани.

Дали имате впечаток дека политичката партија која треба да ги застапува вашите интереси како и интересите на другите граѓани се претвора во платформа за остварување на лични интереси на нејзиното членство или лојално гласачко тело?

»Политичките партии, особено поголемите, се форми на политички здружувања сочинети од многу граѓани. И вистината е дека во нивното членство може да има секакви луѓе. Секако, и такви кои личниот интерес го ставаат пред општиот. Но, мораме да покажеме дека може да биде и различно од тоа. Тргнувајќи од сопствен пример. Мене ми е особено драго што сум добив покана како натпартиски кандидат да бидам носител на Петтата изборна единица, а тоа е позитивен сигнал за политичката сцена во наредниот период.

Сепак, на објавената листа гледаме квалитетен кадар, нови личности, докажани професионалци кои ќе донесат победа и ќе реализираат квалитетна програма и ќе го унапредат општеството во сите сфери од животот. Познавам многу луѓе со високи идеали, со политички убедувања кои имаат за цел државата да ја кренат на здрави нозе. Тоа го прават од срце и со голем ентузијазам, без никакви планови за лична корист. Секој од нас има можност да цени и да ги избере кому ќе ја даде својата доверба.

Дали имате чувство дека уметничката слобода и креативност ви се загрозени поради искривениот систем на вредности, девалвирањето на уметноста, ниската образованост на луѓето за значењето на уметноста и лошиот систем на управување?

»Уметноста никогаш не била спуштена на пониско ниво од денес. Јавноста постојано укажува на сите недостатоци. Време е да ставиме крај на нарушеното достоинството на културниот работник. Културата е душата на еден народ. Токму за тоа го прифатив предизвикот да бидам стратешки соработник на Претседателот Христијан Мицкоски за прашања од областа на културата, и со сето свое искуство, со целиот професионален багаж, да дадам значајни насоки за воздигнување на срушениот систем, враќање на достоинството кај моите колеги, создавање на позитивна работна атмосфера и унапредување на севкупните услови за нивната дејност.

Интервјуер: Стојмановиќ Магдалена 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика