Од Македонското МНР без одговор дали ќе преземат официјални мерки по објавите во грчките медиуми за поткуп од тајните фондови на колеги од Македонија и Албанија

Објавил: Мартин Попоски | 28 октомври, 2018 9:11

И Димитров да појасни дали има потплатени новинари од грчкото МНР

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Новинарски здруженија од Македонија побараа грчкиот портал „Иефимерида“ да ги објави имињата на македонски новинари и медиуми кои наводно земале пари за јавно да навиваат за договорот од Преспа.

Грчкиот портал месецов објави информации дека грчката Влада потрошила милионски суми за корумпирање на македонски медиуми и новинари.

Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија инсистира имињата да бидат објавени.

Писмото до порталот го испративме во четвртокот, со јасно барање да ги објават сите имиња на новинари и медиуми кои што наводно добиле пари од грчкото министерство за надворешни работи за да го промовираат договорот од Преспа. Во писмото ние изразуваме загриженост за ширењето на ваквите шпекулации, кои претставуваат удар врз кредибилитетот на сите македонски новинари. Ние не смееме да дозволиме такви полувистини или шпекулации, нецелосни информации да го валкаат образот и довербата на македонските новинари кај македонската јавност. Инсистираме имињата на медиумите и новинарите, ако постојат, да ги објават. Доколку не го направат тоа, во писмото истакнуваме дека ваквите информации ќе ги сметаме за злонамерни, со намера да го валкаат угледот на македонските новинари, да влијаат врз уредувачката политика на македонските медиуми и да служат единствено на интересите на политичките елити во Грција и во Македонија. – изјави претседателот Селмани.

Тој бара и официјална реакција до Грците од македонското Министерство за надворешни работи нагласувајќи дека објавената информација за корумпирани новинари и медиуми во Македонија е директен упад во внатрешните работи на Македонија.

За нас е зачудувачки што нашето Министерство за надворешни работи досега воопшто не реагираше на ваквите шпекулации. Колку што јас имам информации, имаше реакција од грчкото министерство за надворешни работи кое на некој начин потврди дека тие располагаат со некој таен фонд што го користат за да ги промовираат нивните интереси. Најмалку што можеше да направи нашето МНР е да побараше информација или објаснување од грчкото МНР во врска со објавените информации во Грција дека нивното министерство на некој начин корумпира новинари и медиуми во Македонија за да штитат интереси на грчката држава. Информацијата што ја објавивме ја доставивме и до МНР за да знаат дека ние како Здружение веќе се интересираме за овој случај. – вели Селмани.

Писмото до грчкиот портал е потпишано од Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите на Македонија и Независниот синдикат на новинари и медиумски работници.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести