Масовни протести за здрава животна средина и во Лабуништа

Објавил: Узунов Бобан | 26 јули, 2019 9:23

И жителите на Лабуништа го кренаа гласот за затвoрање на каменоломите

Фото/Текст извор: ©магазин

Жителите на Лабуништа и околината го кренаа гласот. Природните убавини од подножјето на планината Јабланица се под закана. Од месноста Стрижак се снабдуваат со вода населбите Јабланица, Боровец и Лабуништа, а од оваа вода зависат 15.000 жители. -објави Нова Македонија.

Повод за протестите на жителите се машините кои веќе извесно време работат во новиот каменолом, што претставува закана за чистата вода, но и за животната средина. Најгласни се жителите на Лабуништа, а посебно младите, кои бараат затварање на каменоломите.

Затоа на лице место кај новиот рудник во месноста Стрижак е направен логор, каде што се дежура 24 часа и не и се дозволува на механизацијата на А.Д. „Илинден“ да работи. Граѓаните очекуваат позитивен одговор на претставките што ги имаат доставено до сите надлежни институции, што би значело поскоро решавање и затварање на сите каменоломи.


Месноста Стрижак е целосно сместена под извори на вода кои што се од суштинско значење за месното население од с.Лабуништа и околните села. Бараме од А.Д. „Илинден“ како реномирана компанија, да ги има предвид штетите кои што ги нанесува на месното население во строго заштитениот зелен појас, кој што е ставен на картата EUROPEAN GREEN BELT, и непоправливите штети како по Биодиверзитетот на природата и здравјето на луѓето така и на Република Северна Македонија со грубо кршење на ЕУ директивите за заштита на природата. Ние сите здружени ќе одиме до крај – нема отстапување – се вели во соопштението на Месна заедница Лабуништа.


Неодамна, токму од тие причини, жителите го кренаа својот глас и го блокираа регионалниот пат Струга-Дебар.

-Кај нас овде е ужас. Во една средина од 10.000 жители има шест каменоломи активни. Нè уништија сите. Наутро на колите имаме прашина и никој не презема одговорност. Дали газдите на каменоломите имаат малку совест дека ги трујат овие наши мали деца и нас исто – изјави тогаш жител на Лабуништа.

Велат дека нема лесно да се откажат. Повикаа владини функционери да ги посетат сега, а не само во предизборен период за гласови.

-Нема да застанеме тука. Ако нема никакви резултати повторно ќе се организираме во што помасовен број и наредните протести нема да бидат вака мирни, ќе бидат многу по радикални – изјави Алим Салоски, претседателот на здружението „Натура-лаб“.

Бараат од надлежните министерства, односно Владата како надлежна за одземање или раскинување на концесиите, во најкраток можен рок ги преиспита одлуките и да ги раскине концесиите за сите каменоломи. Јавно ги повикуваа одговорните министерства и премиерот Зоран Заев да дојдат на лице место и да се уверат што се случува на самиот терен. Од Рамиз Мерко побараа да каже и да докаже на кој начин е издадена Б интегрираната дозвола од страна на општина Струга. Од компанијата која ја доби концесијата бараат да ги повлече машините.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.