Што се случува на политичкиот спектар на САД и Велија Британија

Објавил: Узунов Бобан | 27 јули, 2019 11:11

Како двете најценети и највлијателни демократии на светот Британија и САД завршија со ликови како Доналд Трамп и Борис Џонсон на власт?

Фото/Текст извор: ©магазин

Како е можно двете најценети и највлијателни демократии на светот – Британија и САД – да завршат со Доналд Трамп и Борис Џонсон на власт? Трамп не греши кога го нарекува Џонсон „британски Трамп“.  Не станува збор само за сличните карактери или стилови: тоа исто така е рефлексија на повеќе од очигледните грешки во политичките институции, што им овозможија на таквите луѓе да дојдат на чело на власта.

Политичките научници предвидуваат дека двопартискиот систем ќе го претставува „средниот гласач“, бидејќи секоја партија се движи кон политичкиот центар за да приграби нешто повеќе од половина од гласовите. Во практика, изборното финансирање доминираше со американските партиски калкулации во изминатите децении, и затоа партиите и кандидатите гравитираат кон десницата, за да ја добијат наклонетоста на богатите донатори (Само Сенаторот Берни Сандерс се обидува да го прекине силниот стисок од големите пари, собирајќи големи суми од мали донатори).

И Трамп и Џонсон имаат нешто што ирскиот доктор и психолог, Јан Хјуџес, го нарекува „растроен ум“. Трамп е хроничен лажго, се расфрла со расизам и е голем даночен измамник. Во извештајот на американскиот специјален обвинител Роберт Мјулер, за неговата 22-месечна истрага за претседателската кампања на Трамп во 2016 година, наведени се повеќе случаи на опструкција на правдата од актуелниот шеф на Белата куќа. Трамп исто така е обвинет од над 20 жени за сексуално малтретирање, однесување за кое на аудиоснимките можевме да слушнеме дека се фали, а покрај тоа, на својот адвокат му наредил да исплати одредени нелегални пари, што претставува кршење на правилата за финансирање на изборната кампања.

Личното однесување на Џонсон е многу слично. Тој нашироко е познат како хроничен лажго и неуреден во личниот живот, вклучувајќи два неуспешни брака и очигледна домашна расправија вечерта кога стана премиер. Тој исто така неколку пати е отпуштен од работа поради лажење и друго непримерно однесување. Џонсон во 2016 година ја предводеше кампањата за брегзит врз основа на тврдења кои беа докажани како лажни. Како шеф на британската дипломатија, Џонсон двапати во јавноста не сакајќи одаде разузнавачки податоци – во едниот случај француски разузнавачки информации за Либија, а во другиот британски информации за Иран. Исто како и Трамп, тој има мал рејтинг помеѓу сите возрасни групи, а рејтингот му расте како што расте возраста на гласачите.

Досегашните остварувања на Трамп на претседателската функција претставуваат дополнителна политичка сложувалка. Неговите политики генерално се непопуларни и ретко го рефлектираат мнозинството на јавното мислење. Неговата најважна легислативна победа – кратењето на даноците во 2017 година – беше непопуларна и тогаш, а останува непопуларна и денес. Истото важи и за неговите позиции за климатските промени, имиграцијата, градењето заштитен ѕид по должината на границата со Мексико, намалувањето на социјалната помош, укинувањето на клучните одредби од Обамакер, повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор и многу други работи. Рејтингот на Трамп постојано е под 50 отсто, а во моментот има поддршка од 43 отсто од јавноста наспроти 53 проценти, што не ги одобруваат неговите политики. 

Александар Борис де Џонсон (роден на 19 јуни 1964), попознат како Борис Џонсон, е британски политичар, новинар и популарен историчар. Тој е пратеник за Уксбриџ и Јужен Русилип од 2015 година. Тој претходно беше пратеник за Хенли од 2001 до 2008 година. Тој беше градоначалник на Лондон од 2008 до 2016 година, а од 2016 до 2018 година работел како секретар на Државата за надворешни работи и за комонвелт. Член на Конзервативната партија, Џонсон идентификува како конвенционален еден народ и е поврзан со економски и социјално либерални политики

Трамп користи вонредни укази и егзекутивни наредби за да ја имплементира неговата непопуларна агенда. И додека судовите одбија многу укази, судскиот процес е бавен и непредвидлив. Во практика, САД се блиску до едновластие, што е незамисливо ако се земат предвид скапоцените ограничувања испишани во американскиот устав.
Ситуацијата со Џонсон може да биде слична. Јавното мислење се сврти против брегзит, главното препознатливо прашање на Џонсон, откако преговорите со Европската Унија ги обелоденија лагите на кампањата и претерувањата (со заплашување) пред референдумот во 2016 година. И покрај тоа што јавноста и мнозинството во парламентот остро се противат на брегзит без договор, Џонсон го вети токму тоа, во случај да не успее да договори алтернатива.

Постои очигледен одговор на прашањето како е можно две ценети демократии да инсталираат растроени умови на власт и да им овозможат да спроведуваат непопуларни политики. Но исто така има и еден подлабок одговор. Очигледниот одговор е дека и Трамп и Џон добија поддршка од постарите гласачи, кои се чувствуваа запоставени во изминатите децении. Трамп особено апелира до постарите бели конзервативни мажи, раселени од трговијата и технологијата, и според некои, од американските движења за граѓански права, за права на жените и за сексуалните права. Џонсон апелира до постарите гласачи, кои тешко ги погоди деинструјализацијата, и до оние што сонуваат за славните денови на Британија како глобална сила.

Сепак, тоа не е доволно објаснување. Подемот на Трамп и на Џонсон исто така го отсликува подлабокиот политички неуспех. Партиите што се против нив – демократите и лабуристите – не успеаја да одговорат на потребите на работниците раселени од глобализацијата, кои мигрираа кон десницата. И покрај тоа, Трамп и Џонсон спроведуваат политики – намалување на даноците за богатите во САД и брегзит без договор во Британија – што се против интересите на нивните гласачки бази.

Заедничката политичка грешка лежи во механизмот на политичкото претставување, посебно на изборните системи во двете земји. Избирањето претставници со просто мнозинство во едночлени општини доведе до појавувањето на две доминантни партии во двете земји, наместо мнозинство од партии што се избираат во пропорционалните изборни системи во Западна Европа. Двопартискиот систем, што доведува до политиката „победникот зема сѐ“, не успева да ги претставува интересите на гласачите како и на коалициските влади, кои мораат да преговараат и формулираат политики што се прифатливи за две или повеќе партии.

Земете ја предвид ситуацијата во САД. Трамп доминира со Републиканската партија, но само 29 отсто од Американците се идентификуваат како републиканци, 27 проценти како демократи, а 38 отсто како независни, на кои не им е удобно со ниту една од двете партии, но не се претставени од некоја алтернатива. Со освојувањето на моќта во Републиканската партија, Трамп дојде на власт со помалку освоени гласови од неговата ривалка Хилари Клинтон, но освои повеќе делегати во Изборниот колеџ. Ако се земе предвид фактот дека само 56 отсто од Американците со право на глас излегоа на изборите во 2016 година, Трамп ја доби поддршка на само 27 проценти од граѓаните што можат да гласаат.

Па така, Трамп контролира партија што претставува помалку од една третина од гласачите и во најголем дел владее со укази. Во случајот на Џонсон, помалку од 100.000 члена на Конзервативната партија го избраа за нивни лидер, и на тој начин го направија премиер, и покрај нискиот рејтинг на поддршка од само 31 отсто наспроти 47 проценти од граѓаните што не го одобруваат неговото работење.

Во Британија, ниту една партија не го претставува мнозинството што се противи на брегзит. И покрај тоа, британскиот политички систем може да ѝ овозможи на една фракција од една партија да донесе историски и долгорочни одлуки за земјата, одлуки на кои повеќето гласачи се противат. Најопасно е тоа што политиката „добитникот зема сѐ“ им овозможи на две опасни личности да ја добијат власта во земјата, и покрај тоа што поголемиот дел од јавноста е против нив.

Ниту еден политички систем не може совршено да ја преведе народната волја во политика, а јавноста често пати е збунета, дезинформирана или понесена од опасни страсти. Дизајнот на политичките институции е постојан предизвик. И покрај тоа, поради нивните антички изборни правила, двете најстари и најценети демократии во светот лошо функционираат, а поради тоа и опасно функционираат.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.