Политичкиот аналитичар и новинар, Орданоски со колумна во која ја најавува цената која СДСМ, Заев и Спасовски ќе ја платат на следните избори за бегството на Груевски

Објавил: Мирко Бачиќ | 30 ноември, 2018 9:19

Како и да го завртат, Заев, Спасовски и СДСМ, за ова ќе си платат политичка сметка

Фото/Текст извор: ©civilmedia.mk

Новинарот Сашо Орданоски, кој важи за одличен познавач на партиските политики како и партиската подвоеност во СДСМ, во своја колумна ја најавува цената која партијата и претседателот Заев ќе ја платат за бегството на Груевски.

Орданоски во колумна за Цивил Медиа меѓу другото ќе напише:

Поспора (пред)истрага, за поитно прашање, какво што е ова за бегството на Груевски, не сум чул дека е негде водена во светот!

Почнувам да се сомневам дека е пореално да се очекува Груевски да ни го испорачаат, некогаш, назад од Унгарија, одошто, некогаш, ќе да чуеме од истрагата како побегна од земјава.

Или можеби јас сум гледал погрешни холивудски филмови?

Дали истрагата не се развлекува за да се успори, одложи, подзаборави прашањето за одговорноста за бегството на Груевски? Не верувам, бидејќи тоа би било исклучително глупава политичка стратегија, доколку некој така ја смислил.

Како и да го завртат Заев, Спасовски и СДСМ, кога тогаш, за ова ќе си се плати политичка сметка: може сега, со некоја смена и оставка; а може и на избори, со голема смена и без оставки. На пазарот на политиката, кога ги одлагаш работите, паѓа квалитетот на производот, но расте цената.

Во моментов, кредибилитетот на Владата (и не само по ова прашање) е како на есенска распродажба во полупразен дуќан: нема многу купувачи за робата што се нуди, дури и на попуст.

Од друга страна, добро е што сегашната власт, пак, не се избрзува со жолти комбиња прес-конференции, бидејќи тоа е оној „природен“ порив кај секоја власт, кога ќе ја фатат со „спуштени гаќи“ да мисли дека може да ја врати контролата врз случувањата со спектакуларни прикаски во кои лагите ќе изгледаат како полувистини, а полувистините како да се сосема втемелени на факти.

„Кратките опашки“ на тие пропагандни вртлози имавме шанса да видиме до каде ја потонаа претходната власт.

Баш ме интересира дали Груевски сам го смислил планот за бегство? Признавам, ќе му порасне цената во моите очи, бидејќи и сега не верувам дека човек со така очајна смисла за хумор би можел така успешно да се пошегува со сите нас!

Жива среќа за власта што е опозицијава тотално неупотреблива, здодевна како варен компир, па не претставува сериозен предизвик за која било, па дури и ваква, полуспособна влада на СДСМ. На кого таму му текнало, жити сe, дека на почеток од зимава треба да тргнат со масовни протести што ќе предизвикале „револуција“ за рушење на сегашната власт?

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.