Милојка Калкашлиева е поранена судијка на Врховниот суд

Објавил: admin@magazin | 24 март, 2019 7:27

Калкашлиева: Многу пропусти во изрекувањето на пресудите за 27 април

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Што требаше да видиме, односно да чуеме при објавата на пресудата за 27 април, а не чувме. Објавата на пресуда, според Законот за кривична постапка, опфаќа јавно да се прочита изреката на пресудата и накратко да се соопштат причините. Ова во писмо до „Нова Македонија“ го има испратено пензионираната судијка во Врховниот суд, Милојка Калкашлиева, која предупредува дека во изрекувањето на пресудата имало бројни неправилности.

Каклкашлиева тврди дека влегувањето на народот во Собранието и насилството немале да се случат, доколку пратеници не ја отвориле вратата.

„Кога е во прашање осудителна пресуда, каква што е во случајов, во изреката, покрај другото, мора да стои за кое кривично дело обвинетиот се огласува за виновен, СО НАЗНАЧУВАЊЕ НА ФАКТИТЕ И ОКОЛНОСТИТЕ ШТО ПРЕТСТАВУВААТ ОБЕЛЕЖЈЕ НА КРИВИЧНОТО ДЕЛО. Значи, ако судијата-претседател на советот ја читаше изреката на пресудата, мораше да прочита, а ние да чуеме, како секој од обвинетите го извршил кривичното дело, кои негови дејства претставуваат обележје на кривичното дело за кое се огласува за виновен и му се изрекува казна. Ништо од тоа што законот бара да го содржи изреката и да биде прочитано при објавата на пресудата не чувме, а наместо тоа слушавме цитати, писмен состав за патриотизам и слични нешта на кои не им е место при објавување пресуда“, пишува Калкашлиева.

Масовното влегување на народот во Собранието немаше да се случи и немаше да дојде до насилство, ако од страна на пратеници не беше отворена вратата на главниот влез. Затоа не може да се тврди дека влегувањето било насилно. Насилството беше предизвикано од револтот на народот кон пратениците, но тоа не ги ослободува од одговорност сторителите на насилството, но секој треба да одговара врз основа на законот за тоа што го сторил, а не целиот настан од 27 април да се квалификува како „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, пишува Калкашлиева.

Реагираше и опозицијата. 

„Патриоти кои цел живот го посветиле за безбедноста на државата добиваат максимални казни затвор, а борци на ИСИС кои масакрирале луѓе добиваат три пати пониски казни. Додека власта со политички прогон си ги брани сопствените криминали, државата секојдневно тоне на секое можно поле“, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

Во конклузијата на случајот 27 април, на шеснаесетмина им беа досудени 211 години затвор, додека ослободен од обвинение е Игор Дурловски.

Судот го продолжи притворот на Митко Чавков, Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски и Влатко Трајковски, а одреди мерка притвор и за останатите осудени во настаните од 27 април во Собрнието до правосилност на пресудата.

Митко Чавков доби најголема казна од 18 години, Митко Пешов 15 години, Душко Лазаров 15 години, Горан Ѓошевски-Леви – 15 години, Оливер Поповски – 13 години, Оливер Радулов – 10 години, Мунир Пепиќ –  15 години, Абдулфета Алими – седум години, Младен Додевски – 12 години, Јане Ченто – 15 години, Горанче Ангеловски – 12 години, Игор Југ – 12, Влатко Трајковски – 15 години, Вилијам Михајловски – 14 години, Николо Митровски-Кољо -15 години и Александар Василевски-Нинџа – осум години,

Осудени се за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во Парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но, по донесувањето на Законот за амнестија беа помилувани 15 лица.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика