Експертската јавност, изјавата на Камбовски, ја оцени како скандалозна и монструозна, па му посочија да го прочита Уставот кој сам го пишел

Објавил: Мирко Бачиќ | 29 август, 2018 9:53

Камбовски: “Бојкот е обид за рушење на државата”

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Академик Владо Камбовски, кој првично укажа на правото на секој граѓанин да го бојкотира референдумот, но не и да ги организира и спречува граѓаните да се изјаснат на референдум, предизвика бурна поддршка, но и негативни реакции, напади и лични навреди.

Aкадемик Камбовски тврди дека реакциите за негов обид за заплашување на бојкотирачите на референдумот се организирана хајка против него од структури кои свесно лажат со план за распад на државата.

Професорoт по кривично право вчера коментираше дека организирањето на кампања за бојкот на 30 септември преставува кривично дело.

Тој вели дека никаде не кажал дека негласањето и индививудуалното право на бојкот е забрането или казниво. Напротив, денеска професорот нагласува дека се работи за уставно загарантирана слобода на граѓанинот.

„Загарантирана е, се разбира и слободата секој јавно и без страв од секаква закана да го соопшти својот став во врска со референдумот – дали ќе се воздржи од гласање или ќе гласа и како ќе гласа. Загарантирана е и слободата да се даваат објаснувања и изнесуваат аргументи и повици за излегување или неизлегување на гласање, или за гласање ‘за’ или ‘против’. Но никаде не е загарантирано правото на партии или групи луѓе да ги организираат, регрутираат, потплатуваат, застрашуваат, попречуваат или манипулираат со граѓаните со кампања на омраза и ширење страв заради бојкотирање на референдумот, распишан со легална и легитимна одлука на Собранието на Република Македонија“, вели професорот.

Според него, организираниот притисок врз граѓаните за бојкот на гласањето е противправен.

Камбовски објаснуваше како не е етички политичките партии да агитираат, да делат материјали, да одржуваат собири или протести со цел да се убедуваат граѓаните да го бојкотираат референдумот. Професорот се повика на членот од Кривичниот законик кој се однесува на организирање на отпор и непослушност на законска одлука за што е предвидена казна и до три години затвор.

Премиерот Заев не сакаше да ја коментира изјавата на Камбовски, но рече дека негова задача како премиер е да обезбеди услови секој граѓанин да да го соопшти својот став и референдумот да помине во демократска и мирна атмосфера.

По вчерашната изјава на Камбовски следуваа жестоки реакции од пратеникот Антонијо Милошоски кој се изјасни дека ке води кампања за бојкот како и на Билјана Ванковска која напиша дека укажувањето на Камбовски на член 387 кој пропишува и затворска казна до 5 години за спречување на законита одлука донесена од државен орган, е облик на притисок и заплашување на граѓаните, а следеа и низа реакции на правни екпсерти кои упатуваа на тоа Камбвски подобро да го чита Уставот.

Експертите изјавата ја оценија како скандалозна, па дури и монструозна.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести