За сметка на милионот на Мијалков, Камчев понудил 14.5 пати поголема сума како гаранција дека ако се брани од слобода нема да избега, СЈО пресметува дали тоа е доволно

Објавил: Мартин Попоски | 16 декември, 2018 6:41

Камчев со нова понуда, 14.5 милиони евра во имот и пари за излез од притвор

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Сумата од 14.5 милиони евра што како гаранција за пуштање од притвор пред еден месец ја најави одбраната на притворениот бизнизмен Орце Камчев во случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Империја“.

Сумата е истата која тој повторно ја понудил минатата недела до Основниот суд Скопје 1, но и до Апелациониот суд Скопје. Разликата, велат судски извори, е што овојпат со понудената гаранција Камчев приложил и докази дека нема да бега, да уништува докази или да влијае врз сведоци.

Одбраната, велат судски извори, побарала јавна расправа за жалбите, како во Кривичниот суд, каде присуствуваат адвокатите и обвинителот, така и во Скопска апелација, каде може да присуствуваат и новинарите, негови роднини и јавноста.

Неофицијално, одговор по поднесените жалби нема ниту од Основниот суд Скопје 1, ниту од Апелација. Се чека да се изјасни специјалната обвинителка Лиле Стефанова, која ја води истрагата за случајот „Империја“.

Гаранцијата што ја понудил Камчев се состои од готовина и недвижен имот што тој го поседува лично во Македонија.

Претходно и притворениот осомничен Сашо Мијалков понуди гаранција од милион евра за да се брани од слобода, но Кривичниот суд ја одби.

Извори од одбраната на осомничените во „Империја“ сметаат дека е можно СЈО да им понуди спогодба за вина со парично обештетување на државата, суми кои може да бидат многу поголеми од гаранцијата од 14.5 милиони евра на Камчев. Но, вели одбраната, за тоа треба СЈО првин да изнесе докази за кривичните дела за кои ги товари осомничените 13 лица во „Империја“.

Адвокатите тврдат дека досега не виделе ниеден доказ за овој голем случај, за кој СЈО тврди дека осомничените испрале над 10 милиони евра и дека истрагата уште ќе се проширува.

На 9 ноември годинава, обвинителката од СЈО Лиле Стефанова ја отвори истрагата именувана „Империја“, против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска – Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело Во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку фирми и компании кои биле или се во нивна сопственост.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.