Каталонците на првата годишнина од референдумот за независноста, кој шпанските власти го прогласија за нелегален, со огромни протести

Објавил: Мирко Бачиќ | 2 октомври, 2018 8:42

Каталонските сепаратисти влегоа во владината зграда и го отстранија шпанското знаме

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Повеќе приврзаници на идејата за независност на Каталонија насилно влегоа во зградата на владиното претставништво во градот Гирона.

Тие го отстранија шпанското знаме и го поставија она што ја симболизира независноста.

Медиумите пренесуваат дека лицата на некои од активистите биле прекриени со марама, а нивниот влез не успале да го спречат полицајците и припадниците на обезбедувањето.

Каде е сега премиерот Педро Санчез? Дали вака во Германија може да се влегува во институции? Сепаратистите ја претвораат Каталонија во територија на беззаконие. – изјави Алберт Ривера, лидер на партијата Граѓани, која поддржува целовитост на Шпанија.

Се наведува дека претходно друга група ја зазела локалната железничка станица и седејќи на пругите, го стопирала сообраќајот.

Десетици илјади Каталонци се собраа денеска во центарот на Барселона во знак на обележување на првата годишнина од референдумот за независноста, кој шпанските власти го прогласија за нелегален, а демонстрантите накратко се обидоа и да ги блокираат патиштата и пругите во овој регион на Шпанија.

Голем број студенти на централниот градски плоштад го вееја знамето на Каталонија и извикуваа: “Први октомври нема да го простиме, нема да го заборавиме”.

Недалеку оттаму други демонстранти испукаа огномет и димни бомби.

Поранешниот каталонски лидер, Карлос Пучдемон, изјави дека луѓето од Каталонија треба да останат обединети во борбата за остварување на нивната цел и да се отцепат од Шпанија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.