Од Министерството за транспорт велат дека во процедура е изработката на урбанистичкиот план во заштитеното подрачје на езерото.

Објавил: Едмонд Бекири | 25 април, 2022 19:09

Кирил Пецаков: Ќе биде катастрофа ако плажите во Охрид втора година останат нерегулирани

Фото/Текст извор: ©алсат

Доколку втора сезона по ред плажите во Охрид останат нерегулирани, тоа ќе биде катастрофално за туризмот. На ова предупреди градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, објави ТВ Алсат. Тој вели дека засега состојбата е статус кво, иако летото и туристичката сезона се на прагот.

„Плажите се дефинитивно еден од најголемите проблеми. Ако летово на ист начин оставиме повеќе нерегулирани плажи, следната година можеби нема да бидеме во фокусот на многу туристи“, рече Пецаков. Тој ги обвинува државните институции на централно ниво за подготовка на планот за управување со охридското крајбрежје.

„Агенција за просторно планирање и Министерството за транспорт и врски имаат поважни работи или ова не им е фокусот“, изјави тој!

Од Министерството за транспорт велат дека во процедура е изработката на урбанистичкиот план во заштитеното подрачје на езерото.

„Овој предлог се однесува на површина од околу 750 хектари. Предлогот е испратен до Агенцијата за катастар, која е во завршна фаза на ажурирање на геодетските основи за планирање на просторот утврден со планскиот предлог. Имаше и јавен повик за изработка на Студија за оправдување на просторот“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Минатото лето не работеа охридските плажи на кои со години им беа раскинати договорите за концесија. Дел од објектите се урнати, а дел затворени.

Градоначалникот Пецаков во ноември минатата година рече дека објектите не се дивоградби и предупреди дека ова прашање ќе се реши до април и плажите кои не функционираа лани повторно ќе бидат дадени под концесија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.