Советувањето на Заев најскапо го наплатува советникот за економски прашања за соработка со земјите од регионот, Зоран Башановиќ. За него во минатото многу е пишувано во српските медиуми.

Објавил: admin@magazin | 31 мај, 2019 17:56

Кои се блиските “СОВЕТНИЦИ„ на ЗАЕВ кои месечно добиваат 25.000 евра од државната каса?

Фото/Текст извор: ©алфа

Речиси 26 илјади евра месечно или 307 илјади годишно, граѓаните плаќаат за надворешните советници на премиерот Зоран Заев. Платите се движат од 1.500 евра највисоката, но има и такви кои делат ум без пари.

Советувањето на Заев најскапо го наплатува советникот за економски прашања за соработка со земјите од регионот, Зоран Башановиќ. За него во минатото многу е пишувано во српските медиуми.

Србинот во својата земја е познат како естраден менаџер, а естрадните ѕвезди го опишуваат како манипулатор и измамник. Тој кусо време бил и член на Главниот одбор на Српската напредна партија, но од таму бил избркан поради финансиски малверзации. Во фокусот на медиумите тој посебно беше во 2012 година, кога заедно со сопругата Бојана во Мајами биле уапсени за кражба на долна облека и постелнина во износ од 5.000 долари од трговски центар.

На списокот советници на Зоран Заев има и други лица познати по медиумите. Еден од нив е Александар Ружин, кого во јавноста повеќе го познаваат по вестите од естрадата. Советникот за Бенелукс пред неколку години беше во центарот на вниманието кога се проба како јутјубер. Со својата тогашна девојка споделуваа лајф стајл видеа за љубовта, среќата и успехот.

Младиот Ружин својата популарност пред неколку години најмногу ја стекна кога беше во врска со хрватската поп ѕвезда Антонија Шола и нивната љубовно- заканувачка драма. На неговите профили на социјалните мрежи често споделува фотографии од скапи автомобили и патувања, но и од луксузни вечерни излегувања. Политичкиот ангажман Ружин го започнува во 2015тата година каде тој е забележан на антивладините протести, а во јавноста се споделуваат и фотографии каде Алекс е во друштво со Заеви.

Меѓу советниците на премиерот е и Љубиша Станковиќ, долгодишен новинар кој во моментов покрај советничкиот надоместок од 30.000 денари, добива плата и од Телевизија 24. Според неговите објави на социјалните мрежи тој е критичар на поранешната власт, а често знае и да испорача низа навреди кон симпатизери, членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

И новинарот од струмичката телевизија Канал Вис е еден од советниците на Заев, тој е и водител на фолк фестивалот Валандово, за својот ангажман како советник добива 10 илјади денари повеќе од Станковиќ.
Еден од советниците на Заев е и Филип Андов познат како Сокол, за кого опозицијата обвини дека постојат и кривични пријави за насилство кои стојат во фиока. Тој е добар пријател со градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски и директорот на Зоолошка, Ѓорги Галетановски. Сокол за својот ангажман добива по 30.000 денари месечно.

10 илјади повеќе од него добива Мирослав Грчев, кој во последниот период во јавноста беше актуелен околу вработувањето на неговиот син Димитар во ЕЛЕМ. Тој во минатото беше познат како голем критичар на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
За иста плата од 40 илјади денари, совети на Заев му делат и поранешниот пратеник Драгиша Милетиќ, писателот Венко Андоновски, аналитичарот Мерсел Билали, како и довчерашниот организациски секретар на СДСМ Миле Зечевиќ.
Меѓу советниците на Заев е поранешниот министер за економија и вицепремиер Фатмир Бесеми, тој за својата помош во областа на економијата добива 50.000 денари секој месец.
Покрај Башановиќ, уште пет од советниците на Заев добиваат 1.000 или повеќе евра месечно.

Од државната каса 1.300 евра месечно се слеваат во џебот на Алиса Дограмаџиева Живановиќ, по 1.200 добиваат Владимир Цветковиќ, Љубомир Шубара и Александар Обрадовиќ, додека Владо Димовски добива 1.000 евра месечно. Пет од надворешните советници на премиерот пак работат без никаков паричен надоместок.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести