Петчлениот правен тим на поранешниот премиер Никола Груевски со обид за поништување на казната затвор, за која институциите ќе имат конечно решение за осум дена

Објавил: Мартин Попоски | 1 ноември, 2018 8:35

Кривичен на 8 ноември ќе одлучи дали Груевски дефинитивно ќе оди во затвор

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Во кривичниот суд во Скопје пристигнало барањето за одложување на почетокот за издржување на затворската казна за осудениот Никола Груевски поднесен на 29 октомври од страна на петчлениот адвокатскиот тим.

Согласно со Кривичниот законик, судијата за извршување на санкцијата по ова барање има рок од три дена да одлучи дали ќе го прифати или одбие барањето. Доколку тоа не биде прифатено, одбраната на Груевски има рок од нови 3 дена да поднесе жалба до Кривичниот совет, кој има уште 3 дена да се произнесе по новата жалба.

Одлуката на Советот е правосилна, односно тој решава дали поранешниот премиер ќе мора да замине во затвор до дадениот рок, кој завршува на 8 ноември.

Претседателот на кривичен, Иван Џолев, рече дека го има на увид барањето, но не ги прочитал причините за кои Груевски бара одложување на извршувањето на казната.

Врховниот суд е последната шанса за обвинетиот Груевски целосно да не ја издржи казната затвор поднесувајќи вонреден правен лек, односно преиспитување на правосилната одлука, но ова не го одложува одењето во затвор.

За ова тој ќе мора да почека да истече рокот за жалба на првостепената пресуда за „Тенк“ кој го има поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бидејќи доказите против двајцата се наоѓаат во една иста папка која не може во исто време да се наоѓа и во Апелацискиот и во Врховниот суд. Јанкулоска пресудата за „Тенк“ во писмена форма ја добила на 22 октомври од кога тече рокот од 15 дена за поднесување жалба до второстепениот суд.

Претседателот на кривичен информираше дека како можна опција за да се избегне одолговлекување на постапката до Врховниот суд и за на Груевски да не му се ускрати правото на користење вонредни правни лекови, можно е да се направи копија од целиот предмет и со тоа да се овозможи папките со докази во исто време да се најдат и во рацете на второстепениот суд кој ќе треба да постапува по жалбата на Јанкулоска, како и пред врховните судии кои ќе треба да одлучуваат за барањето на Груевски.

Доколку Врховниот суд ја укине пресудата, предметот се враќа на повторено судење, а со тоа и се прекинува и издржувањето на затворската казна.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести