Градоначалникот Шилегов и министерот Манчевски ја погодија бројката, во периодот од нивното владеење вработени се над 1.200 нови административци на раководни функции

Објавил: Мартин Попоски | 13 декември, 2018 6:05

КСС најави масовни штрајкови, УПОЗ потврди дека за две години се вработени нови 1.200 административци

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Поради неисполнување на барањата на Конфедерација на слободни синдикати од страна на власта, како и лошите законски измени за работните односи, кон средината на месецот започнуваат штрајкови.

Претседателот Благоја Ралповски најавува масовни штрајкови за 15 декември, почнувајќи од Прилеп за сигурност на работните места во администрацијата.

Со измените на Законот за работни односи од јуни оваа година, се дава правен основ за престанокот на работниот однос од деловни причини да се врши врз основа на критериуми утврдени со колективен договор без притоа да се допрецизира што значат тие деловни причини, како и во делот на јавниот сектор каде се наведува функционална анализа како причина за отказ без дополнителни објаснувања. – објасни Ралповски.

Според него просечната плата во јавниот сектор  изнесува  околу 17.600 денари, а најдискриминирани се наставници, професори, вработени во градинки, државни службеници.

За проблемите и барањата  разговарале и со премиерот Зоран Заев, но, укажа, нема подобрување на работите.

Ралповски објаснува дека можеби е точно дека дел од администрацијата е неефикасна, но посочи и дека има недостаток и на нестручен кадар бидејќи постојано се вработуваат референти и во моментот има случаи во одредени сектори да има еден инспектор, а 15 референти.

Конечно треба да прекине синџирот на вработување на основ на партиска книшка ако сакаме функционална и добра администрација, појасни Ралповски.

Само во периодот од 2016 до сега се вработени 1.200 административци и тоа преку агенцијата за привремени вработувања, повеќето од нив се на раководни функции, нова систематизација има ама не сме ја виделе, ама никој не може да биде избркан или префрлен во приватен сектор без спроведување на соодветна законска процедура. – вели генералниот секретар на Синдикатот на вработените во управата и правосудните органи (УПОЗ), Трпе Деаноски, но засега не најавува приклучување кон штрајковите.

Според него во институциите фалат висококвалификувани кадри, бидејќи дури и на огласите не конкурираат вакви кадри поради ниските понудени плати, а околу процесот на реорганизација и отпуштањето од работа на администрацијата сепак процесот би се одвевал во соработка со синдикатите и не би било многу лесно да се отпуштаат луѓе без претходно да им се понудат соодветни опции за доедукација или пак како што е најавено укинување на цели сектори.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов директно им се закани на 1.200 административци дека ќе ги отпушти од работа.

Пред неполн месец и министерот за информатичко општетсво и администрација, Дамјан Манчевски најави дека во втората половина на 2019 година ќе има поголеми измени во администрацијата со нејзина реорганизација и оптимизација, процес кој би завршил до 2021 година, а за претстојните активности ќе следи серија законски измени, а меѓу останатото ревизија на Законот за организација на органите на државна управа.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести