Нашата држава ја ратификуваше Рамсарската Конвенција за водни или блатни живеалишта од меѓународна важност во 1991 година.

Објавил: admin@magazin | 8 мај, 2021 8:36

Македонија го номинираше Охридско Езеро и Студенчишко Блато како трето и најголемо Рамсар место во државата

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Со впишувањето на Охридско Езеро и Студенчишко Блато во Светска Рамсар листа, нашата држава, по Преспанското и Дојранското Езеро го доби третото и најголемо водно живеалиште од меѓународно значење, заведено под бр.2449.

Подрачјето е прифатено согласно сите 9 критериуми на Рамсарска Конвенција и е со вкупна површина од 25 205 хектари. Со него ќе се управува од страна на трите општини: Охрид, Струга и Дебарца.

Впишувањето на Охридско Езеро и Студенчишко Блато на Светска Рамсарската листа значи меѓународно признавање и препознавање на специфичниот и богатиот биодиверзитет и ендемичните и ретки видови како и присуство на голем број на живеалишта и видови од национално и ЕУ значење на ова подрачје.

Од друга страна, тоа води кон негово помудро и поодговорно управување, подобрување на еколошкиот карактер на подрачјето и заштита на видовите и живеалиштата,  поттикнување на научно истражувачки дејности и меѓународна соработка, што секако ќе го зголеми публицитетот и вреднувањето на подрачјето, ќе ја зголеми понудата за еко туризмот во регионот,  а со тоа ќе се отвораат и поголеми можности за социо-економски развој и за финансирање. 

МЖСПП изразува благодарност на придонесот на сите национални експерти, на Македонскиот Рамсарски секретаријат, а особено благодарност до граѓанската иницијатива СОС Охрид и НВО Фронт 21/24 за поднесената иницијатива, како и поддршка на процесот за изработка на апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридско Езеро и Студенчишко Блато за Рамсар место.

Нашата држава ја ратификуваше Рамсарската Конвенција за водни или блатни живеалишта од меѓународна важност во 1991 година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.