Проектот е во рамки на ервопскиот фонд за прекугранична соработка ИПА-2, меѓу општина Пустец и општина Битола.

Објавил: Владо Марин | 16 октомври, 2020 6:07

МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО АЛБАНИЈА: МАЛА ПРЕСПА ЌЕ ДОБИЕ МУЗЕЈ ЗА МАКЕДОНЕЦОТ СТЕРЈО СПАСЕ

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

16 октомври 2020 година, Пустец, Мала Преспа – Во селото Глобочани, општина Пустец, Мала Преспа, започна реализацијата на проектот за реконструкција и уредување на старата училишна зграда, која во иднина ќе биде музеј на познатиот албански писател со македонско потекло Стерјо Спасе, роден во ова малопреспанско село.

Благодарение на поддршката од Европската унија, преку проектот SMART CUL TOUR, старата училишна зграда во која се школувал Стерјо Спасе, еден од најпознатите писатели од втората половина на XX век во Албанија, ќе прерасне во музеј во чест на овој писател.

Проектот е во рамки на ервопскиот фонд за прекугранична соработка ИПА-2, меѓу општина Пустец и општина Битола.

За комплетниот дизајн и опремување на објектот и музејската поставка ќе се погрижи Директоратот за заштита на културно наследство од Корча.

– Овој проект е за поздравување бидејќи претставува почит кон нашиот голем писател Стерјо Спасе, ќе придонесе за промоција на македонското културно наследство. И, секако ќе ја збогати туристичката понуда на регионот, – изјави градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски.

Стерјо Спасе е роден во село Глобочени, општина Пустец, во областа Мала Преспа, во 1914 година, а починал во Тирана во 1989 година. Тој е познат писател во Албанија со македонско потекло и е еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа. Покрај во Албанија, се школувал и на Универзитетот Флоренца во Италија, а магистрирал во Советскиот Сојуз. Автор е на петнаесеттина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот “Од живот за живот – зошто?“, кој е напишан во вид на дневник со фокус на една трагична дилема на млад интелектуалец на село.

И синот на Стерјо Спасе, Илинден Спасе е универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на Македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Синот на Илинден, пак, внук на Спасе Стерјо, Аријан Спасе е вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Албанија во Република Унгарија.

Албанскиот претседател Илир Мета, пред две години, постхумно го одликува Стерјо Спасе со признанието “Витез на редот на знамето”. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман “Зошто” го најавил создавањето на современата албанска литература, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку и на Балканот и во Европа.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Настани