Покрај политичкиот проблем, Македонија има и проблем со еколошката катастрофа која е на повидок. Македонија се гуши во отпадоци додека пак комуналците и локалните општински власти, немаат капацитет да ги решаваат ваквите состојби

Објавил: Македонка Димкин | 17 април, 2019 14:30

Македонскиот Национален Совет нуди решение за Електронско Гласање и бара повеќе дестинации кон Европа!

Фото/Текст извор: ©онлине / магазин

Сабота 6-7 април 2019 (Базел) Македонскиот Национален Совет на 6 и 7 април 2019 година во Базел, Швајцарија ја одржa својата втора работна средба. МНС во дводневанта исцрпна дебата посебно внимание му посвети на престојниот попис кој власта го најавува за 2020 година, потоа начинот на гласањето на граѓаните на РМ во светот и во Македонија, констатира дека на Македонија и се заканува еколошка катастрофа и се осврна на потрагата кон долгорочно решение. На крајот се разговараше за можноста за поврзување на Македонија со светот како шанса за нови инвестиции.

Советот ги зазеде следните ставови:

1. Попис

Бидејќи Македонија е единствената држва во светот која што дваесет години нема спроведено попис на населението, Владата на РМ најави дека следниот попис би се одржал во 2020 година. Меѓудругото претставници на Владата истакнаа дека на следниот попис ќе се попишуваат сите граѓани на РМ, без исклучок, со едноставно давање на матичниот број од страна на нивни роднини, доколку граѓанинот не е пристуен во Македонија. МНС предупредува на опасноста од овој начин на попишување! Имено, попис како статистичка алатка служи токму затоа да се избројат жители на една држава, а не нејзини државјани. Македонското МВР има податоци за секој државјанин на РМ и токму затоа Советот не гледа никаква причина да се одржи ваков манипулативен попис. Тоа ќе претставува само бескорисно фрлање пари од страна на даночните обврзници. Поради тоа Советот ги повикува сите релевантни политички сили во Македонија да го спречат овој план на Владата и сите да се заложат за попишување само на жители на Македонија. Жител на РМ е секој оној кој во последната година дена не е подолго од шест месеци надвор од државата. Советот на крајот цени дека е потребно резултатите од пописот да се споредат со базите на податоци на другите државни органи за да се утврди веродостојноста на самото попишување.

2. Електронско гласање

Пред влезот на ДИК во Македонија

Повеќе од 120 држави во светот дозволуваат гласање во странство, држави кои веројатно нашле доволно причини на своите граѓани надвор да им остават мост кон татковината со минимално учество во политичкиот живот на државата.

Токму затоа став на Советот е дека мора да се најде едноставен начин државјаните на РМ да можат да го остварат своето гласачко право без тоа за нив да претставува особена тешкотија. 
Најспорен момент во целиот досегашен процес беше излезноста на гласачите, а со тоа и легитимитетот на избраните претставници во Собранието. Според наше согледување излезноста е многу мала, бидејќи тие што сакаат да го дадат својот глас требаат да патуваат и по две илјади километри до нивните локални ДКП-а, изложувајќи се на огромни поеднични трошоци, а воедно и големи трошоци за македонската држава.
Елкетронското гласање како проект беше понудено од наши членови уште во 2015 година како можно решение на овој проблем.

Роберт Милески како инженер по Информатика пред советот претстави своја визија како може да изгледа идејно решение за електронското гласање, кое нуди можност за онлајн регистрација. Постојат неколку едноставни начини како да се избегнат вакви големи трошоци, само треба да се избере соодветниот модел. Првиот се базира на „гласање преку пошта“, вториот се базира на електронско гласање. Тој предложи хибриден модел од овие два начини. Имено, ДИК би требало да направи веб сајт и апликација за мобилни уреди, преку кои секој иселеник во дадениот период ќе може да се регистрира за гласање.

Советот за крај сака да укаже на потребата за изработка на законска рамка со која ќе се овозможи електронското гласање да биде вметнато во изборниот законик на РМ. Советот во следниот период ќе ги предложи потребите измени.

Тоа би вклучувало формулар за неговите генералии, како и неговата адреса во странство. На крајот на процесот за регистрација секој би добил еден дел од “единствениот електронски клуч”. После соодветна проверка на податоците, државната изборна комисија може да состави електронски листи на регистрирани гласачи до најблиските ДКП-а (дипломатско конзуларни претставништва) на Република Македонија.

Истите, преку специјален софтвер би требало на дадената адреса на регистрираниот гласач во странство да испратат писмо по пошта, со кое гласачот се информира за начинот на гласање, а воедно на секој би му се доставил и вториот дел од „единствениот електронски клуч“. Тој би претставувал број добиен со користење на одредени информатички криптографски методи, кој може да се искористи само еднаш.

Гласачот на наведената веб страна или преку апликацијата во точно определен временски интервал би можел да го даде својот глас по електронски пат. Идентитетот и веродостојноста на дадениот глас би се гаранитрала со неговиот единствен електронски клуч. Ова понудено решение секако не е разработено во детали, но Милески е на мислење дека истото би претставувало добра основа за конечна имплементација на идејата за електронско гласање.

3. Eколошка катастрофа во Македонија

Покрај политичкиот проблем, Македонија има и проблем со еколошката катастрофа која е на повидок. Македонија се гуши во отпадоци додека пак комуналците и локалните општински власти, немаат капацитет да ги решаваат ваквите состојби. Ако долгорочно не се преземат превентивни мерки, санитарната и еколошката катастрофа може да прераснат и во безбедносен проблем поради можните пожари на депониите и складиштата за отпадоци.

Веќе од 2000 година па наваму во Швајцарија не смее да се депонираат домашни отпадоци, овој отпад мора целосно да се согори во соодветни објекти. Бидејќи околу половина од изгорениот отпад е од биолошко потекло, енергијата добиена од неа се смета за обновлива и се смета за CO2-неутрална. На крајот на 2008 година, фабриката за согорување на отпад во Базел ја доби швајцарската ознака за квалитет “naturemade basic” од здружението за еколошки здрава енергија (VUE). Ова е прва фабрика за согорување на отпадот во Швајцарија која доби ваква награда за квалитет на енергија од обновливи извори

МНС предлага како приоритет број еден да се направат законски решенија за рециклирање на отпадите и создавање на еколошки деградирани зони каде ќе се складира ѓубрето. МНС паралелно ќе почне со формирање на тим за правење на анализи, a со цел на изработување на елаборат и подготвување на законски решенија за првата фабрика за согорување на ѓубре во Македонија. Бенефит: чиста околина, воздух, здрав туризам, а како една од најважните придобивки е снабдување со топлотна и електрична енергија. Во овој контекст членот на советот Васко Белески предложи како извор за потребното KnowHow и Benchmark да се искористи швајцарската фирма KVA од Basel која овој проблем го решила уште во 1980 година.
До изградба на првиот ваков проект би дошло најрано во 2025 година, а најдоцна до 2028. Како прва локација би било Скопје со околината.

4. Поврзување на Македонија со нови авионски дестинации како шанса за нови инвестиции

МНС предлага да се воспостават летови со нови дестинации од Скопје и од Охрид кон сите поголеми европски градови. Зголемувањето на бројот на патници позитивно ќе влијае и на зголемување на бројот на туристи во Македонија, со што индиректно ќе се зголеми економската стапка во малопродажбата и угостителството.

За осварување на оваа цел паралелно потребно е :

» Креирање на план на селективниот развој на туризмот во оделни региони во Македонија;

Туризмот игра голема и растечка улога во македонската економија. МНС проценува дека директните и индиректните влијанија на туризмот генерирале 10 проценти од македонскиот БДП. Туристичките дестинации, на страна на туристичката понуда, со цел исполнувања на специфични барања и потреби на туристите својот развој го засноваат на концепт кој се потпира на специфични мотиви на одредениот целен сегмент на туристичката побарувачка.

» Креирање на туристичката понуда во Македонија (на основа на согледаните можности и резултати од истражувања) која ќе одговара на барањата на современиот турист и ќе биде во склад со принципите на одржливиот развој;
» Предлог конкретни мерки и активности за развој и унапредување на туристичката понуда на одделни регииони;
» Донесување соодветни заклучоци на основа на добиените резултати од истражувањата кои можат да послужат како пример за другите региони во Македонија кога е во прашање развојот на селективните видови туризам;
»Јакнење на улогата на сите релевантни и заинтересирани страни во развојот на туристичкото стопанство на одделни региони регионот во Македонија и промоција на производите од селективните видови на туризам;

Редефинирањето на постоечките и развојот на новите концепции на туризмот и туристичките производи имаат значајна улога во развојот на туризмот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.