И раководителот на бугарскиот дел од заедничката комисија за ревизија за историјата тврди дека цар Самоил е Бугарин а Македонскиот јазик, бугарски дијалект, измислен пред 50 години

Објавил: Мартин Попоски | 11 декември, 2018 8:00

Македонските историчари “потврдија”, цар Самоил е Бугарин

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Македонските претставници во заедничката комисија со Бугарија која работи на редефинирање на историските и образовни прашања признале дека Цар Самоил бил бугарски владетел.

Ова доаѓа по бурните реакции на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, дека договорот со Бугарија не се почитува од страна на Македонија во елементите од ревизијата на историјата, која сака да се фалсификува.

Постигнавме компромис за цар Самоил, македонската страна призна дека тој припаѓа на бугарската владетелска традиција и е владетел на Бугарија, во која во тоа време влегува и современа Македонија. – изјави Иван Илчев од бугарскиот дел на заедничката комисија за бугарскиот весник „Труд“.

Историчарот ја објасни и одлуката за заедничко одбележување на годишнината Григор Прличев, „за кој во аргументацијата се вели дека тој е бугарски учител, како и дека тој со своето творештво стои во основата на културата на современа Македонија“.

Поранешниот ректор на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ се осврна и на македонскиот јазик, за кој бурно реагира вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Во последните 50 – 60 години во јазикот што се зборува во Македонија, за жал, настанаа многу промени. Во речникот влегоа значително многу србизми, а многу бугарски зборови се заменети со странски само и само јазикот да биде оддалечен од бугарскиот.

Во 1945 година во Македонија во пракса создаваат нов македонски правопис и нов јазик, со цел да биде максимално оддалечен од бугарскиот. Тој е вештачки создаден со цел, едноставно, да се оддалечи од бугарскиот јазик. – изјави Илчев.

Според него, повеќе од сто години во Македонија упорно се наметнува антибугарско расположение и „има цели генерации граѓани на Македонија кои се воспитувани со легенди и со митови и кои исклучително тешко е да се променат“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.