Роаминг поволностите, секако ке следат по успешен референдум и имплементирање на договорот од Преспа, со што тоа правно ќе е договор меѓу Северна Македонија и Грција

Објавил: Мирко Бачиќ | 9 септември, 2018 11:11

Манчевски: Македонија и Грција ќе ги намалат цените во роаминг

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Македонија и Грција имаат обврска кон своите граѓани покрај тоа што се соседи, да бидат партнери и постојано да соработуваат. Ова е заклучокот од средбата меѓу министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми во грчката Влада Никос Папас.

Како што соопшти владината прес-служба, главен фокус во разговорот на двајцата министри беше обезбедувањето на сите потребни предуслови за намалување на цените за роаминг меѓу двете држави.

На средбата со грчкиот колега, министерот Папас, ги продолживме разговорите за потпишување договор меѓу двете држави за намалување на цените во роаминг за нашите граѓани. Како заклучок од средбата со задоволство можам да кажам дека во текот на септември ќе објавиме и конкретен договор за почнување на процесот за намалување на цените во роаминг, истакна министерот Манчевски.

Договорот што го потпишаа двете влади, според Манчевски, ги отстранува пречките за соработка кои постоеа во минатото. Договорот за роаминг е само почеток и станува збор за многу конкретна мерка од која корист ќе имаат сите граѓани.

Позитивниот резултат од разговорите со министерот Папас, од кои произлегуваат конкретни поволности за двете држави, се само уште една потврда за придобивките кои ќе следат по зачленувањето на Македонија во Европската унија и НАТО. Затоа наша обврска е да излеземе на престојниот референдум и да гласаме за европска Македонија, заклучи министерот Манчевски.

Министерот Манчевски на покана на грчкиот министер Папас присуствувал и на официјалниот ручек, заедно со висока владина делегација од Соединетите американски држави, предводена од Вилбур Рос, државен секретар за трговија на САД, и Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија.

На ручекот се разговарало на повеќе теми, меѓу кои сајбер безбедност, 5Г-интероперабилност, дигитална земјоделска инфраструктура, систем за менаџирање на документи-ДМС.

Министерот Манчевски, присуствувало и на отворањето на 83-тиот Меѓународен саем во Солун, што оваа година е организиран во соработка со Соединетите американски држави.

Под мотото „Американскиот сон ќе се оствари во Солун“, во рамки на најголемиот саем во Грција, се претставија најголемите светски компании како што се Мајкрософт, Фејсбук, Гугл, Оракал, со кои министерот Манчевски оствари билатерални средби.

На средбите министерот Манчевски разговараше за можноста за соработка меѓу Македонија и американските компании.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести