Градоначалникот на општина Аеродром со "креативно" решение, со пари од жителите на општината да го обештети инвеститорот на кој тој му издал дозвола за градба

Објавил: Мирко Бачиќ | 17 октомври, 2018 8:53

Марин со општински пари сака да го обештети инвеститорот кај “Мајчин дом”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Инвеститорот на зградата кај “Мајчин дом” би бил обесштетен само за она што го платил за купување на земјиштето и платените комуналии, но не и за профитот, вели градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.

Преговорите со инвеститорот „ЗСФ – ком“ и Општина Аеродром уште траат и досега не е најдено решение, но градоначалникот Марин вели дека се надева на позитивен исход и зграда во зеленилото нема да има.

Позитивен исход е таму да нема зграда. Инвеститорот има вредност на земјиштето што го купил и трошоците што ги имал за време на проектирањето. Што е нормално дека ние како држава и Општина ќе треба да го обесштетиме. Од 5 до 6 милиони евра според тоа што го кажа инвеститорот, е купеното земјиште и комуналиите кои се платени на Општина Аеродром и Град Скопје. За обесштетување од аспект на профит не се разговарало досега. – рече Марин.

Општина Аеродром на 10 октомври ја стопираше изградбата на зградата во зеленилото кај Мајчин дом, со образложение дека се констатирани неправилности на градилиштето. Забраната трае 15 дена, а градоначалникот Марин рече дека за тој период ќе преговараат со инвеститорот за да најдат решение зградата да не се гради.

Советот на Општина Аеродром под водство на ВМРО-ДПМНЕ и во мандатот на градоначалникот Ивица Коневски, на 5 април 2017 ненадејно го усвои Деталниот урбанистички план И10, за кој советниците од тогашната опозиција предупредуваа дека ќе предизвика еколошка катастрофа, оти предвидува уништување на зелени површини кај Мајчин дом и покрај Вардар, а на местото на сегашни градби и зеленило превидува паркинзи.

Градоначалникот Златко Марин минатиот месец издаде градежна дозвола, по што инвеститорот „ЗСФ – ком“, почна со градежни работи.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.