Новото обвинителство не смее да стане засолниште за обвинители рекетари

Објавил: Узунов Бобан | 15 август, 2019 14:55

Милошоски: Новото обвинителство не смее да стане засолниште за обвинители рекетари

Фото/Текст извор: ©магазин

 

Правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ е спремен и со квалитетен предлог закон и со време за дијалог, да даде придонес во носењето на Законот за обвинителство, согласно стандардите на Советот на Европа, реагира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим на опозициската партија во преговорите за законот на денешната изјава на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

„Но, новото обвинителство не би смеело да стане засолниште за обвинители рекетари, ниту за нивните соработници. А по однос на госпоѓата Рускоска, самиот мега скандал ‘Рекет‘ покажува дека наместо како обвинител, таа засега повеќе постапува како адвокат на главните рекетари од СЈО и Владата, на кои им овозможува екстра време за форматирање на телефони, прикривање на докази и влијание врз сведоци“, изјави Милошоски за МКД.мк.

Шекеринска денеска на прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања ѝ порача на опозицијата дека „секој кој сака да помогне во барањето одговорност за кршење на законот, тоа треба да го покаже на најлесен и највидлив начин со поддршка на законот за јавно обвинителство”.

„Новото обвинителство ќе се занимава со поранешни, но и со актуелни нови случаи. Покажавме дека со ова не правиме компромис. Очекуваме, бараме и повикуваме опозицијата која секој ден по пет пати спомнува правна држава и бара одговорност да покаже дека и таа ја носи одговорноста со поддршка на законот”, рече Шекеринска.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.