Се надевам, казната нема да биде по принцип 1 евро за три доверители

Објавил: admin@magazin | 8 април, 2019 16:47

Милошоски: Со нетрпение очекувам казна од Заев зошто сум пречкртал „Северна“

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Мојот потег е во согласност со народната волја изразена на Референдумот 2018 година и индивидуалната слобода на изразување како човеково право. Со нетрпение ја очекувам казната што ќе ја определите за ова казниво дело, со надеж дека истата нема да биде според принципот по 1€ на три доверители! Со нетрпение ја очекувам казната што ќе ја изрече премиерот Заев, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, по изјавата на премиерот Заев дека пречкртувањето на „Северна“ е непочитување на Уставот и казниво дело.

Со посебно внимание ја слушав изјавата на премиерот Заев кој конечно сфатил дека Уставот е светост во секоја земја, но цени дека потегот на Милошоски да го пречкрта „Северна“ од неговиот беџ како пратеник на Македонија во Советот на Европа е „безобразен“ и “казниво дело“, напиша Милошоски.

Пратеникот Антонијо Милошоски кој е дел од македонската делегација на редовното парламентарно собрание на Советот на Европа на својата акредитација ја пречкрта придавката Северна на новото уставно име на земјава.

На својот Фејсбук профил Милошоски утрово напиша:

Македонија е името на народната волја, согласно референдумите од 1991 и 2018 година! Искористи ја за таа цел секоја можност, секоја акредитација, секој потпис и обележје, дома и во странство, во име на правото на самоопределување и заради достоинството на секој Македонец!-  напиша Милошоски на ФБ.

Во наредните 4 дена , делегацијата на Собранието на Македонија во Парламентарното Собрание на Советот на Европа, предводена од шефот на делегацијата Бетиане Китев, а во чиј состав се и пратениците Шпреса Хадри и Антонијо Милошоски, ќе учествуваат на Вториот дел од редовната сесија на ПС на СЕ што се оддржува во Стразбур, Република Франција.

Се очекува на сесијата да се обратат премиерите на Ерменија и Грузија. Собранието ќе има заедничка дебата за запирање на говорот и делата на омраза во спортот, за улогата на политичарите во борбата против говорот на омразата како и за зајакнување на соработката со ОН и имплементација на Одржливите развојни цели.

Има и барање за итна дебата во однос на буџетската криза на Советот на Европа.

Ќе се дискутира и за промовирање на парламентите слободни од сексизам и сексуално вознемирување, импликациите врз човековите права од социјалните медиуми и друго.

Собранието, исто така, ќе дебатира за т.н. „Ландромати“ и новите предизвици во борбата против организираниот криминал и перењето на пари и ќе заземе став во врска со креирање на нов механизам за демократија, владеењето на правото и основните човекови права.

Комисионерот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, ќе го презентира нејзиниот годишен извештај на активности за 2018 година и ќе одговори на поставени прашања. Ќе има и вообичаена размена на мислења и ставови со сегашниот претседател на Комитетот на министри на СЕ, финскиот министер за надворешни работи, Тимо Соини и време за прашања со генералниот секретар на СЕ, Торбјорн Јагланд.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика