Француските политичари почнаа да се залагаат за заштита на делфините и намалување на бројот на умрени делфини.

Објавил: admin@magazin | 31 март, 2019 14:59

МИСТЕРИОЗНА СМРТ: Масакрирани над 1.100 делфини на француските брегови !

Фото/Текст извор: ©факултети.мк

На француските атлантски брегови од јануари се пронајдени рекордни 1.100 мртви делфини кои веројатно се жртви на индустрискиот риболов, што ја поттикна јавноста во Франција да реагира.

Она што ги шокира француските истражувачи, освен рекордниот број на мртви делфини, се и бруталноста и начинот на кој се убивани. Имено, телата на делфините биле осакатени.

Масовната смрт на делфините, за која во голема мера е виновен агресивниот индустриски риболов, ги вознемири групите за заштита на животните и го наведе францускиот министер за екологија да покрене национален план за нивна заштита.

– Никогаш немало олку голем број на мртви делфини – истакна Вили Добин, член на Националниот центар за научни истражувања при Универзитетот во Ла Рошел, додавајќи дека за само три месеци оваа година веќе е надминат минатогодишниот рекорд, кој бил поголем од оној во 2017 година, а тогаш имало најмногу мртви делфини во последните 40 години.

Иако Добин истакна дека 90 отсто од смртните случаи кај делфините се случуваат поради случајното фаќање во индустриските мрежи, причината за олку големиот број е мистерија.

– Која е таа рибарска машинерија или опрема одговорна за толку смртни случаи – праша тој.

Аутопсиите покажале екстремни нивоа на масакрирање. Активистите велат дека тоа е така затоа што рибарите често сечат делови од телата на делфините фатени во нивните мрежи за да ги зачуваат мрежите.

Француските политичари почнаа да се залагаат за заштита на делфините и намалување на бројот на умрени делфини. Министерот за заштита на животната средина, Франсоа де Ружи, излезе со некои планови кои вклучуваат поддршка на истражувањата на постојните звучни уреди за одвраќање на делфините, кои испраќаат непријатни звуци што ги одвраќаат делфините.

Групата за заштита на животните „Си Шепард“ соопшти дека делфините не се оддалечуваат доволно далеку од бродовите и веќе истакна дека тие мерки се бескорисни.

Тие тврдат дека многу рибари не ги активираат направите од страв дека тие ќе ги исплашат и рибите што ги ловат. Од групата сметаат дека зголемувањето на бројот на уреди не е долгорочно решение бидејќи тој потег би го направил океанот неподнослив за живот поради звучното загадување и дека се потребни системски решенија.

Од организацијата сугерираат дека агресивниот риболов на осличот, за кој било дадено зелено светло пред три години по долга забрана, бил главен фактор за убивањето на делфините. Зголемениот број на смртни случаи меѓу делфините исто така почнал пред три години.

Од „Си Шепард“ велат дека еколошката криза е последица на незапаметена побарувачка на евтина риба.

Според податоците на Европската комисија, глобалната потрошувачка на морските плодови е повеќе од удвоена во текот на изминатите 50 години, а тоа е стапка која групите за заштита на правата на животните ја прогласија за неодржлива.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.