На 30 септември ќе го дознаете мојот став, реч Мицкоски во вечерашната "Топтема"

Објавил: Данаил Михајловски | 24 септември, 2018 21:46

Мицкоски: Граѓаните да постапат по сопствено убедување

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Сите граѓани во Република Македонија на 30 септември на претстојниот референдум треба да постапат според сопствено убедување, слушајќи го срцето и расудувајќи според разумот, истакна вечерва лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во “Топ тема” на телевизија Телма.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека за неговиот став јавноста ќе дознае тпкму на денот на референдумот.

30 септември ќе дојде за неколку дена и тогаш ќе го видите мојот став, нагласи Мицкоски.

Според него, најголемиот дел од членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ или како што рече ќе апстинираат или ќе гласаат против.

Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е принципиелна и јасна во однос на референдумот.

Доколку референдумското прашање во себе го содржеше само Договорот од Преспа ќе стоев зад тоа што го изнесов во јуни, дека ќе излезам на референдумот и оти ќе работам на тоа граѓаните да ги убедам да гласаат против, рече тој.

Додаде дека доколку прашањето било еднозначно и се однесувало само на Договорот, тој ќе ги повикал симпатизерите и поддржувачите на партијата да излезат и да гласаат против.

Ако СДСМ го прифатеше нашиот предлог на една од лидерските средби, кој се однесуваше на Договорот, само тој да беше содржан во прашањето, ќе ги вкрстевме аргументите зошто тој Договор не треба да биде прифатен, рече Мицкоски, не давајќи конкретен одговор дали ќе излезе или ќе го бојкотира референдумот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.