СДСМ потсети дека веќе неколку години дејствува под слоганот „Едно општество за сите“ и го смета новиот слоган на ВМРО-ДПМНЕ за „неуспешен плагијат“ на нивниот концепт.

Објавил: Македонка Димкин | 17 јуни, 2021 18:24

Мицкоски нуди Македонија за сите, нема плагијат на трула вишна (ЗАЕВ)

Фото/Текст извор: ©магазин

СДСМ потсети дека веќе неколку години дејствува под слоганот „Едно општество за сите“ и го смета новиот слоган на ВМРО-ДПМНЕ за „неуспешен плагијат“ на нивниот концепт.

„Македонија за сите луѓе“ е мотото на новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, којашто партискиот лидер Христијан Мицкоски ја промовираше вчеравечер на прославата на 31-виот роденден на партијата во Охрид.

– Тоа е светоглед според кој ние ќе дејствуваме. Платформата со која ќе допреме до секое срце на секој еден наш граѓанин. Силата што ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани, кои си ја сакаат Македонија и кои сакаат својата иднина да ја градат токму овде, во Македонија. Време е да зборуваме за иднината, да му кажеме на народот што е нашата визија, мојот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа национална и економска девастација. Време е да се победат неморалот, кичот и парадерството. Македонија не е создадена за касти, клики и слоеви. Македонија е на македонскиот народ и на сите граѓани што слободно живеат под ова небо. Затоа нашата борба од денес па натаму, се вика „Македонија за сите луѓе“ – рече Мицкоски во својот поздравен говор.

Тој рече дека се обраќа кон сите во Македонија, кои своите идеали ги наоѓаат во десниот политички спектар, и тоа, како што рече, од мекиот центар до крајната десница, кои доколку се здружат, ќе нема кој да ги победи.

Партијата ќе се ребрендира и визуелно, па наместо како досега, две бои, црвена и црна, отсега ќе има осум. Целта на ова визуелното ребрендирање е да се покаже дека секој еден е важен, дека има свои вредности, заслужува почит, шанса, простор и дека само здружено со подадена рака може да се дојде до победа, објаснуваат од партијата.

СДСМ денеска потсети дека веќе неколку години дејствува под слоганот „Едно општество за сите“ и го смета новиот слоган на ВМРО-ДПМНЕ за „неуспешен плагијат“ на нивниот концепт.

„Џабе се премачкуваа со бои, бидејќи сто слогани да ископираат од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не можат да излезат од режимската матрица и одбраната на криминалот. Мицкоски не може да понуди ништо ново, сѐ е веќе видено и прочитано од граѓаните. Сè што знаат е да шират лажни вести, да блокираат и да работат на штета на државните и на националните интереси. Затоа, уште долго ќе останат во опозиција и ниедно пребојување нема да им помогне“, коментира СДСМ.

Политичките аналитичари велат дека слоганот на ВМРО-ДПМНЕ, иако не е многу инвентивен, е очекуван политички прагматизам, бидејќи на ВМРО-ДПМНЕ му овозможува да се обрати кон потенцијалните коалициски партнери, кои му се неопходни за локалните избори. Ако СДСМ и ДУИ имаат коалиција на локалните избори за градот Скопје и за другите општини, тогаш ВМРО-ДПМНЕ без коалиција од другата страна тешко дека ќе победи. Последните два изборни циклуси покажаа дека веќе не е важно кој победува, туку кој ќе направи коалиција со 61 пратеник.

Според аналитичарот Сашо Клековски, слоганот „Македонија за сите луѓе“ на ВМРО-ДПМНЕ пред сè е наменет за локалните избори.

– Слоганот е во насока на зголемување на гласачкиот и коалицискиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ. Ако ВМРО-ДПМНЕ сака да победи на изборите и да владее, ќе мора да привлече што повеќе гласачи од центарот. Секако, друга цел е зголемување на коалицискиот капацитет што ќе биде неопходен за Скопје. Нормално, слоганот е еден чекор, верувам дека ќе мора да следуваат и други цели, мерки и активности, со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе демонстрира дека е отворено кон гласачите од центарот и кон партиите на етничките Албанци – вели Клековски.

Според Клековски, рано е да се прогнозира какви избори за градоначалници и советници нѐ очекуваат. Toj вели дека има многу варијабли, меѓу кои е и текот на пристапниот процес кон ЕУ, дали ќе има или ќе нема датум за почеток на преговорите, како ќе се решава спорот со Бугарија, но важен ќе биде и изборот на кандидатите.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести