Чуден пат на Брентон Тарант пред да го изврши масакрот во џамиите во Нов Зеланд

Објавил: Узунов Бобан | 16 март, 2019 10:53

Монструмот од Нов Зеланд нападнат со нож во судница, лани престојувал во Бугарија

Фото/Текст извор: ©магазин

Австралиецот Брентон Тарант(28), кој во петокот изврши терористички напад врз две џамии во новозеландскиот град Крајстчрч и уби 49, а рани 40 муслимански верници, е изведен пред суд. Судењето е затворено за јавност, само акредитирани новинари имаат пристап. И покрај тоа огромен број луѓе се собраа пред судницата.

Дел од нив извикуваа дека обвинетиот треба да се линчува пред да биде сослушан. Токму кога требаше да биде изведен пред судот едно лице извади нож и се обиде да влезе во судницата. На новинарите, наводно, им рекол дека сака да го убие. 

Убиецот крвавиот чин го пренесувал во живо на фејсбук. На неговото оружја на српски и руски јазик биле испишани имиња на борци и битки поврзани со овие две земји. 

Тарант во бела затворска облека и лисици на рацете стоеше пред судијата, но одби да се изјасни за масовните убиства што ги изврши и ги пренесуваше во живо на социјалните мрежи. Со прстите направи „Ок“ сигнал – симбол кои го користат белите расисти ширум светот. Судот закажа повторно рочиште на 5 април, кога најверојатно ќе биде прочитано и обвинението. Во манифестот на 73 страници кој полудениот расист го закачи на интернет пред масакрот меѓу останатото стои дека не жали поради крвавиот пир.

Како што објавија медиумите тој ладнокрвно, со пуштена песна која го величи Радован Караџиќ, во своето возило, полно со оружје, свртел неколку круга пред да го изврши масакрот. Министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ изјави дека напаѓачот нема никаква врска со Србија. Тој, сепак, не се изјасни за информациите од Бугарија дека на крајот од минатата година престојувал и во Србија.

Бугарскиот државен обвинител Сотир Цацаров потврди дека Тарант престојувал во Бугарија од 9 до 15 ноември 2018 година. Отворена е истрага за да се утврди дали неговата верзија дека сакал да открие историски места и да ја проучува историјата на балканските земји е исправна, или тој имал други цели.

Министерот за внатрешни работи на Бугарија Младен Маринов додал дека целта на истрагата е да се разјаснат мотивите на престојот на тој човек и можни контакти со други лица.

Според првите елементи на истрагата нема податоци за терористички активности или контакти и лица во Бугарија, навел обвинителот.

Истражителите веќе имаат прецизни информации за текот на неговиот престој во Бугарија – тој стигнал во Софија од Дубаи на 9 ноември, изнајмил автомобил на 10 ноември и посетил историски локации во десет бугарски места. Заминал од Бугарија. На 15 ноември летнал за Букурешт каде изнајмил автомобил за да отиде во Унгарија. Тоа не било прв пат тој Австралијанец да престојува во Југоисточна Европа. Според истите извори тој кратко престојувал на Балканот од 28 до 30 декември кога со автобус патувал низ Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.Бугарски претставници навеле дека за оваа истрага се во контакт со властите во САД, Нов Зеланд, Австралија, ОАЕ, Србија и Црна Гора.
Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, рече дека масовните егзекуции биле планирани и нема дилема дека се работи за организиран терористички напад. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, упати сочувство до семејствата на жртвите и на Владата на Нов Зеланд и ја повика светската јавност да се обедини против тероризмот , без разлика од каде доаѓа и кој го извршува.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести