МПЦ - ОА се огласи дека стои зад купувањето на спорниот плац спроти скопскиот хотел Холидеј Ин, но не одговори од каде и пари и чии ќе бидат објектите кои ќе ги гради

Објавил: Мартин Попоски | 7 декември, 2018 10:04

МПЦ: Имаме потреба од земни блага и не кршиме Божји заповеди

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Македонската православна Црква – Охридска Архиепископија се огласи за нејзиниот влог во градежничките инвеститорски води.

МПЦ – ОА во соопштение одговори на се што мислеше дека треба, освен на прашањата за кои беше повикана од верниците и јавноста.

Македонската православна црква (МПЦ – ОА) е институција со најдолговековна традиција на постоење на овие простори. Тоа придонело Црквата да поседува свој имот со чие управување не се нарушени ниту црковните каноните, ниту, пак, Божјите заповеди, а е во согласност со државните закони

МПЦ има потреба од грижа и негување на земни блага за добробит на својата структура, па од таа причина таа е повикана, имотот кој го поседува, домаќински да го стопанисува, а преку тоа да може да ја извршува својата мисија и исконска примарна задача за доброто на својот верен македонски народ.

Ова се наведува во соопштението од Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архипиекопија во врска со, како што се наведува, интересот кај медиумите во однос на МПЦ, а поконкретно со правото на сопственост и поседување на црковен имот.

Уште од најрани времиња, од апостолско време па до денес, луѓето кои ја сочинувале и управувале со Црквата, располагале со имоти кои биле користени за добробит на заедницата. 

Црквата е возглавена од Богочовекот Христос, но неа ја сочинуваат луѓе – верен народ, свештенство, монаштво и епископство. Како и секој човек што има потреба, а и долг кон Божјото создание (Бит. 1, 26-27), да се грижи за својата душа и тело, кое е храм на душата, така и ние како Богочовечки организам сме повикани да се грижиме за одржување на довереното од Бога, онака како што постапил верниот слуга кон својот господар и ги умножил талантите (Мат. 25, 14-28). – стои во соопштението од САС на МПЦ – ОА.

Сепак МПЦ – ОА не одговори на трите прашања кои ги имаат верниците:

Како Црквата акомулирала сума од над 3 милиони евра кои ги искористила за купување на спорниот плац спроти скопскиот хотел Холидеј Ин кога 11 години во УЈП не пријавувала приход?

Како Црквата формирала трговско друштво кое тврдеше дека не е нејзино чедо, за сега да потврди дека истото и тоа како имало поврзаност со МПЦ – ОА?

Како МПЦ – ОА планира да ги искористи становите во комплекстот згради? Согласно каноните тие се на верниците или и со нивното изнајмување и продажба ќе стопанисува по некое евангелие?

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.