Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, од собраниската говорница, одржа историско - филосовски говор, во кој немаше буква од предложените уставни измени кои се точка на дневен ред

Објавил: Мирко Бачиќ | 15 октомври, 2018 13:57

Наречете ме херетик, наречете ме предавник, јас гласам “за”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Пратеникот Артан Груби, шеф на кабинетот на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во Собранието се обрати со филосовски говор за уставните измени.

Наречете ме херетик, наречете ме предавник, јас гласам “за”, порача пратеникот Артан Груби на денешната седница во Собранието на која почна дебатата за уставните измени предложени од Владата.

Поради предизвикување на дотогашното, поради идеја, поради верба, поради убедување, Христос бил распнат, Мухамед бил прогонуван, реформаторите биле прогласувани за херетици, неистомислениците биле угнетувани, лишувани од слобода, па дури и екзекутирани низ историјата до ден денешен. Да, биле свесни за тоа што го прават. Верувале и биле храбри, се жртвувале свесно зашто се залагале за подобро утре. И победиле, нивната идеја триумфирала. – рече Груби.

Следствено, праша тој, нашето подобро утре, за кое сите се согласуваме и се залагаме заеднички, се НАТО и ЕУ.

Груби истакна дека пред пратениците имаат три копчиња и два правци. Трите копчиња се, зелено за иднина, црвено за небиднина и жолто за стагнација. Додека од двата пата, првиот е веќе изоден. Другиот е непознат. Првиот е изолација, тапкање во место, бесперспективност, небиднина, недојдија, немир. Вториот е неизвесност, но истовремено надеж, непознат, но, сепак, извесен, поддржан од сиот демократски свет. – рече Груби.

Тој ги повика пратениците да ја замислат денешницата ако Њутн, Ајнштајн, Коперник, Тесла, Бел, Питагора и многу други останале рамнодушни и не ја предизвикале нивната денешница и биле конформисти.

Замислете и споредете ја храброста и антиконформизмот низ историјата на личности од нашето поднебје како Гоце Делчев, Питу Гули, Јане Сандански, Скендербег, Хасан Приштина, Адем Јашари, Кемал Ататурк, или уште подалеку во историјата, Јустинијан Први или, пак, Константин, кој одлучил да стане христијанин и да го пресели седиштето на Римската Империја во Бизантиум, Константинопол или денешен Истанбул.

Сите тие и многу други ја предизвикале денешницата, статус квото, дотогашното знаење, и дури херетички дејствувале во нивното време, против сите убедувања, против сите меинстрим размислувања, против сите обичаи и верувања. Биле угнетувани, протерувани, исмејувани. Но денес, денес сме им благодарни. Затоа, имајќи ја предвид моќта во вашите раце, не сметајќи на партиски конформизам и калкулации, знаејќи ја важноста на моментот и одлуката, замислете ја вашата одлука со истата храброст на горенаведените и со ваша лична визија за утре. – рече Груби.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.