- Селата се наоѓаат во зоната за одржливо користење, која е внимателно предложена со цел да овозможи непречено функционирање на луѓето во населените места на целата територија на паркот.

Објавил: Рејхан Бајрами | 4 март, 2021 6:44

Нашата држава ќе добие прв Национален парк од прогласувањето на независноста

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешната прес–конференција информираше за Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II-Национален парк, кој го изработи Министерството за животна средина и просторно планирање, а кој вчера беше усвоен од страна на Владата на Република Македонија.
 
Како што посочи министерот Нуредини, доколку Собранието го поддржи и усвои овој предлог, нашата држава ќе го добие првиот Национален парк од прогласувањето на независноста со што вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2% од севкупната територија.

Иницијативата за заштита на македонскиот дел на Шар Планина на институционално ниво датира од 1994 година и низ годините беа вложени многу напори од експерти, меѓународната заедница, невладиниот сектор, со многу неуспешни обиди за прогласување, за да дојдеме до денешниот момент – на чекор до прогласувањето“, изјави Нуредини, потенцирајќи дека потребата за заштита на ова богатство произлегува од специфичните природни убавини, богатиот и ендемичен растителен и животински свет, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните и пределните вредности и уникатноста на Шар Планина кои се препознаени и на меѓународно ниво.
 
Министерот Нуредини изрази благодарност до сите партнери – до експертскиот тим, академската заедница, иницијативата „Пријателите на Шара“, како и за финансиската поддршка од нашите странски партнери ГЕФ/УНЕП/IUCN, кои помогнаа овој исклучително напорен процес да резултира со квалитетен Предлог-закон кој ќе се обезбеди максималната заштита на природните вредности, но и почитување на потребите на различните засегнати страни, пред се на локалното население, а ќе овозможи и нови перспективи за социо-економски развој.  
 
Како клучни факти и придобивки од заштитата на Шар Планина Нуредини ги наведе:
 

Основна е потребата за заштитата на богатата природа и одржливото користење на природните ресурси, бидејќи на Шар Планина има биодиверзитет кој е клучен од национален аспект, меѓутоа е и од ЕУ значење, идентификувана е како „Натура 2000“ подрачје, и имаме обврска да ја заштитиме согласно меѓународните конвенции, но и како барање од Европската комисија за застапеноста на заштитени подрачја.

 Од аспект на нашите граѓани, е важно дека со заштитата се отвораат достапни средства преку фондовите за заштита, кои со прогласувањето на националниот парк овозможат развивање на овој предел.

–  Во границите на НП Шар Планина вклучени се сите планински села со цел обезбедување на еднаков третман и можности за нивен иден развој, со што бројот на опфатени села изнесува 30, а заштитената територија изнесува 62.705 хектари.

 – Селата се наоѓаат во зоната за одржливо користење, која е внимателно предложена со цел да овозможи непречено функционирање на луѓето во населените места на целата територија на паркот.

Со цел да се обезбеди непречен развој на ски-центарот Попова Шапка, беше земен предвид Мастер-планот за развој на Попова Шапка, како и веќе постоечките тури кои ги спроведуваaт локалните компании и предвиден е заштитен појас околу ски-центарот,  со што ќе се обезбеди баланс помеѓу заштитата на природата и развојот на различни форми на туризам во предвидените рамки.

– Исто така, ќе се развие прекугранична соработка, бидејќи ова подрачје ќе се надоврзе на веќе постоечкиот Национален Парк во Косово „Malet e Sharrit”, а оваа целина природно се надоврзува со НП „Маврово“, како и со паркот на природата „Кораб-Коритник“ во Албанија, па заедно би се формирало едно од поголемите прекугранични заштитени подрачја во меѓународни рамки.

Покрај зачувувањето на природното богатство, прогласувањето на Шара за национален парк значи социо-економски развој преку инвестиции за подигнување на стандардот, инфраструктурата, развој на туризмот, органското земјоделство и другите еко системски услуги.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.