Техничкиот премиер во техничката влада ќе дојде од владејачката СДСМ. 

Објавил: Весна Петровска | 2 јануари, 2020 16:12

Најдоцна до утре на полноќ треба да се изгласа техничката влада – еве како ќе изгледа новата владина гарнитура

Фото/Текст извор: ©онлајн магазин

Најдоцна до утре на полноќ треба да се изгласа за техничката влада која ќе трае 100 дена до изборите кои треба да се случат на 12. април 2020 година.

Како ќе изгледа техничката влада?

Техничкиот премиер во техничката влада ќе дојде од владејачката СДСМ.

Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ пак во техничката влада ќе ги земе министерските места во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.

ВМРО-ДПМНЕ ќе добие и заменици министри во Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за администрација и информатичко општество.

Привремената влада има мандат до изборите

Техничката влада ќе има мандат до одржувањето на предвремените парламентарни избори, односно избраните министри и заменици-министри ќе останат на таа функција до конечното објавување на изборните резултати од страна на Државната изборна комисија (ДИК).

Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања, инвестиции.

Власта очекува договор со опозицијата околу сите кадровски решенија, вклучително и она за министер за внатрешни работи, по што утре пред истекот на рокот во Собранието ќе се гласа техничката Влада предводена од Оливер Спасовски како премиер .

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференција одржана попладнево објави дека се повлекува од предлогот полковникот Драган Ковачки да го предводи МВР во техничката влада и на премиерот Зоран Заев ќе му понуди ново име.

Во случај до утре на полноќ да не се изгласа техничката влада, тоа ќе го помести и датумот за одржување на изборите, затоа што од денот на формирањето на техничката Влада до денот на изборите треба да поминат 100 дена.

Но, ако сѐ оди според предвиденото сценарио, тогаш прво премиерот Зоран Заев треба да поднесе оставка од функцијата и да ја достави до Собранието. Откако Собранието ќе ја констатира оставката на Заев целата Влада е во оставка. По ова, претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за состав на нова Влада на идниот технички премиер. Во овој случај тоа е актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој ќе ја предводи Владата на предлог на владејачкиот СДСМ. Потоа Спасовски, по претходен договор со опозицијата, треба да го предложи новиот состав на Владата, за кој се гласа во Собранието со мнозинство гласови.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.