Мегленци во битолско не е обична депонија, кога ќе заврши работното време на ЈП Комуналец таа станува свињарник на кој веќе 10 години се "гојат" помеѓу 20 до 30 прасиња

Објавил: Мирко Бачиќ | 10 декември, 2018 11:47

На депонијата “Мегленци” свињарникот “работи” со децении

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Десетици свињи навртени врз комуналниот отпад во депонијата Магленци крај РЕК Битола лапаат како да се на вкусна трпеза.

Наместо по кочини, стопаните ги пуштиле да се хранат на депонија каде се збира ѓубрето од општините Битола, Могила и Новаци. Со рилките претураа по кесите со отпадоци и џвакаа од сметот.

Крај нив се провираат собирачи на пластика кои со ракавици буричкаат по ридовите ѓубре, а потоа шишињата натоварени во кеси поголеми од самите нив, ги редат во возило кое наликува на старо желозо. Околу стадо кучки, дел дошле со збирачите на пластика, дел со свињите и тие да го наполнат стомакот со отпадоци. Над нив летаат птици, а во позадина чади РЕК.

Крај свињите се провираат собирачи на пластика кои со ракавици буричкаат по ридовите ѓубре.

Свињите нам ни се пријатели. Немаме проблем со нив. Тие си бараат храна, а пластката што ја збираме ние, ним не им е на менито. – велат собирачите на шишиња.

Додека едни собираат, други палат смет за да се стоплат на студеното време.

“Свињарникот” во Мегленци не е проблем од вчера, тоа е тежок бизнис на гоење и продажба на свинско место во пелагонискиот регион. Проблемот според мештаните трае над 10 години и иако властите, без разлика од која партија е на власт, тврдат дека ќе се реши, месото како “идеално” сепак редовно се наоѓа на трпезите кај граѓаните особено пред Нова година, Божиќ или Велигден.

На прашањето чии се свињите, нема прецизен одговор. Жителите од овој крај со шепотење велат дека во Мегленци има двајца одгледувачи и дека прасињата ги продаваат во Прилепско. Во Битола со години нема кланица, па прасињата не се колат таму 

Ова е црно ѓубре, а го продаваме за да купиме парче бел леб. Немаме друг начин да заработиме. Пластиката што ја збираме тука ќе ја продадеме на некој отпаден центар. Кога стомакот ви вие за храна, издржлива е и смрдеата. Зарази не не фаќаат, имуни станавме. – раскажува една од девојките собирачи.

Стопанот на прасињата го немаше. Очигледно се од околните села Арамтуш и Мегленци, па самите го знаат патот до депонија и назад. Прасињата тука доаѓаат со години.

Прашањето што загрижува е на чија трпеза потоа завршува ваквото свинско место?

Од Јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека во работно време од седум до 14 часот, кога има вработени на депонија, нема свињи и диви собирачи на пластика. Ако влезат, тоа е попладне или предвечер кога останува само еден стражар кој не може сам да дочува површина од шест хектари.
Во работно време, никој не им дозволува да влезат и воопшто нема таква појава.

Знаат и тие што ги пуштаат свињите дека не смее тоа да биде. Кога нема друг човек освен стражарот, а стражари на шест хектри површина, не може да доварди.

Минуваат и лисици, волци, кучиња и други животни. Најголемиот дел од депонијата е ограден, тие шест хектари, но тие се животни ќе најдат начин да пробијат и влезат. Комуналец нема вина, напротив коректно работи. Но, однесувањето на некои несовесни лица не можеме да го спречиме. – вели директорот Панде Богоевски.

Тој додава дека со години случаите на упади во депонијата ги пријавуваат во СВР Битола, но се повторуваат.

“Мегленци” не е само депонија туку и свињарник

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.