Харадинај со војна а Тачи со Референдум ќе ги менува границите на Косово

Објавил: Мирко Бачиќ | 8 август, 2018 9:59

На Косово веќе не се знае “кој пие а кој плаќа”

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Косовскиот премиер и претседателот на Косово со дијаметрално спротивни изјави кои не одат во прилог на стабилизирање на тензиите со Србија.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска повторно се спротивстави на заложбите на претседателот на Косово Хашим Тачи за корекции на границата со Србија порачувајќи дека границите може да се променат единствено со војна.

“Границите се воспоставени со војна и само со војна можат да се променат. Греши тој што мисли дека можат да се поместат поинаку.” – изјави Харадинај во обраќање пред новинарите по седницата на Владата.

Според Харадинај границите се поставени со последната војна од 1999 година од страна на Ослободителната војска на Косово [ ОВК ] и НАТО а “со заслуги и на тие кои за тоа придонесоа порано”.

На прашањето дали тоа значи дека е против идејата на Тачи за “корекција на границите” која претседателот најавува дека ќе ја претстави на преговорите со Белград во Брисел Харадинај рече дека “единствено што е преостанато со Србија е признавањето на Косово во овие граници”.

Косовскиот претседател Хашим Тачи ги повтори своите заложби за “корекција на границата со Србија” нагласувајќи дека неговиот предлог не е за размена на територии туку за припојување на Прешевската Долина кон Косово.

Ни половина час по изјавата на премиерот Рамуш Харадинај дека единствен начин да се променат границите е со војна Тачи преку објава порача дека неговиот предлог е мировен и дека со оглед на противењата на кои наидува единствено што преостанува е за тоа да се праша народот на референдум.

“Една порака до тие што мислат дека корекцијата на границата на мирен начин е лоша идеја и покрај фактот дека знаат оти тоа е единствената можност Прешево – Бујановац и Медвеѓа да се обединат со Косово. Да бидам јасен. Јас на време ја отфрлив опцијата за поделба и размена на територии.” – истакна Тачи.

Корекцијата на границата според него е во полза на Косово а токму “противниците на овој предлог заговараат поделба и размена на територии”.

“Во една ваква ситуација навистина не останува друг пат освен ставањето во сила на правото на одлучување на граѓаните на Република Косово тие да одлучат кој е во право и која опција е во интерес на Косово. Затоа неопходно е да им се овозможи на нашите граѓани правото на референдум на што работам за да стане реалност.” – порача Тачи.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.