Меѓу пратениците е познато дека Мукоски уживаше повластен статус кај Трајко Вељаноски, додека беше претседател на Собранието

Објавил: Узунов Бобан | 21 февруари, 2019 7:43

На Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов баш им е гајле кој следен ќе биде уапсен или осуден?!

Фото/Текст извор: ©магазин

Како што се наближуваат изборите, како стануваат повидливи корупцијата и непотизмот, така власта има поголема потреба од апсења, притвори и судски драми. Овој пат на нишан е земен Трајко Вељаноски, долгогодишен претседател на Собранието, за наводно организирање на тероризам при упадот на 27-ми Април. Но, она што е уште почудно, е кукавичкиот молк на Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, кои гласаа за смена на Уставот, си добија наградна амнестија од Заев и сега испаѓа дека баш им е гајле кој следен ќе биде уапсен, а кој ќе биде осуден.

Инаку, извори од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, брифираат дека Крсто Мукоски уживал повластен третман како пратеник, токму во времето кога Вељаноски беше претседател на Собранието. Секогаш добивал одобрување за секое барање, дали е патување во странство на конференција или желба за членување во некоја собраниска комисија или делегација. Тоа се гледаше и од честа што Трајко му ја правеше со честите посети на Вевчани како општина, па така по покана на пратеникот Мукоски и градоначалникот Угриноски, Вељаноски во Мај 2013 година беше специјален гостин на отварањето на “Порта Вевчани“, како објект со симболично и туристичко значење. 

Пред еден месец “независната“ пратеничка група се почувствува изиграна од неисполнетото ветување на Заев и даде соопштение врска со судењата за 27-ми Април: “со жалење констатираме дека денеска Јавното обвинителство, во текот на завршното обраќање, не ги испочитува одредбите од член 1 од Законот за амнестија. Од таа причина сакаме да истакнеме дека почитувањето и спроведувањето на законот е императив за владеење на правото. Затоа апелираме до Судот доследно да ги испочитува одредбите од Законот за амнестија, со оглед на доказите кои беа изведени во текот на судскиот процес“

И не е само Крсто. Со Трајко Вељаноски многу коректни и пријателски односи имаа и пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, и пратеничката Владанка Авировиќ, и поранешната министерка за култура, а сега пратеничка Елизабета Канческа Милевска, сега сите дел од независната пратеничка група која гласаше за смена на Уставот и за Северна Македонија. Но, сега сите пратеници од независната пратеничка група молчат. А толку беа гласни за помирување, и Емилија Александрова, и Нола Исмајлоска Старова, и Зеќир Рамчиловиќ, пред само месец-два, секој втор ден даваа изјави дека тие работат и веруваат во проектот на Заев за помирување и евро-атлански интеграции. Во меѓувреме, некој од нив си ја вработи сопругата и ги одмрзна сметките на фирмите од газдата, некој си доби стан и вработување на ќерката, некој си го ослободи синот од судска пресуда, Крсто си доби тендери од 900.000 евра за фирмата на брат му, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски си добија амнестија, плус шофери и телохранители од МВР. Изгледа толку пари чинеше помирувањето. Тие си се договорија со Заев, сега ќе си гласаат за сите закони предложени од владата, а дали нивниот довчерашен добар пријател Трајко Вељаноски ќе биде уапсен и дали нивниот довчерашен соборец Игор Дурловски ќе биде осуден, изгледа дека и не им баш толку гајле. Процесот на помирување се повеќе личи на процес на поткупување!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести