Првиот круг од изборите се одржа на 21 април, а вториот е на 5 мај.

Објавил: admin@magazin | 24 април, 2019 8:36

На Пендаровски му е доста од транзиција, а на Силјановска од просечност во политиката

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Различни пораки, едниот од Тетово, а другиот од Скопје, упатија синоќа претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова во кампањата за вториот изборен круг.

Првиот круг од изборите се одржа на 21 април, а вториот е на 5 мај.

Пендаровски повтори дека неговиот концепт е едно општество за сите и евроатлантско интегрирање, а не изолација и поделби. Силјановска-Давкова, пак, рече дека мора да се стави крај на просечноста во политиката и дека треба да почне нова, пролетно ореинтирана политика која ќе ги разбуди најумните и најкритичните.

Доста ни е од 30 години транзиција, од мрачниот тунел на криминалот и од режимот на фамилијата, истакна Пендаровски на средба со граѓаните во Тетово.

Потсети и дека оваа генерација политичари мораше да донесе одлуки што не ги го донел никој 30 години.

Главната опозициска партија и пред и по првиот круг од изборите продолжува со жестока пропаганда врз трите главни столба на државата. Упорни се, особено нивниот кандидат, да поништат се што оваа структура направи, заговараат ревизија на сите договори, предочи Пендаровски.

Силјановска-Давкова која седна на дебата со младите, напомена дека без критичко мислење не може да има реформи. Притоа, во фокусот повторно ги стави жените.

Мора да ставиме крај на просечноста во политиката оти нашиот живот веќе зависи од политичките одлуки. Се ова што се случуваше изминатите 30 години кога се клонираа луѓето, како киборзи станаа политичарите и ги клонираа себеси сличните. Мислам дека треба да си заминат и да почнеме една нова пролетно ореинтирана политика која ќе ги разбуди најумните и најкритичните. Се надевам дека можам тоа да го сторам. Ова особено важи за женскиот дел на популацијата кој иако доминира во многу професии, сепак не е на клучните функции и тоа ќе биде доказ за демократскиот капацитет и кредибилитет на македонската политика, посочи Силјановска.

Таа претходно, на својот фејсбук профил порача дека е сфатена пораката од тие што не излегле да гласаат во првиот круг, на 21 април. Воедно ги повика оние што го поништиле гласачкото ливче, во вториот круг повторно да излезат и да гласаат за неа.

До тие што не излегоа: ја сфативме вашата порака и апсолутно ве разбираме за вашиот револт и потребата да искажете незадоволство од случувањата на политичката сцена. Многу од вас кои не се согласувате со политиките на актуелната власт на Зоран Заев (криминал,насилие,неправда..) не се одлучивте да ме подржите мене. Но сфаќате дека имаме нова реалност, на прагот сме на победа. Затоа ви се обраќам со барање во вториот круг да излезете и вашето несогласување со лошото владеење на оваа власт да го искажете со гласање за опцијата која се бори за правда и за промена на оваа ненародна власт, напиша Силјановска.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика