Пред ударот на ураганот "Флоренс" врз САД, масовно се евакуираат жители од четирите сојузни држави, Северна Каролина, Јужна Каролина, Вирџинија и Мериленд

Објавил: Мирко Бачиќ | 11 септември, 2018 10:11

На САД им се заканува ураганот “Флоренс”, се евакуираат 1.5 милион луѓе

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Околу еден и пол милион луѓе во јужниот дел на источниот брег на САД се во состојба пред евакуација, поради доаѓањето на ураганот Флоренс, кој покажува тенденција да стане ураган од петта категорија.

Ураганот од категорија три во текот на вчерашниот ден премина во четврта категорија, а веќе утрово се приближи до петтото ниво, со можност да предизвика катастрофални последици, наведува агенцијата АП.

Дури и кога ураганот беше во трета категорија, беа наредени евакуации за крајбрежните области на Северна Каролина, Јужна Каролина и Вирџинија, кои би можеле да бидат директно погодени. Рано ова утро евакуација беше наредена и за државата Мериленд.

Надлежните служби ги повикаа жителите на тие држави да не ја потценуваат моќта на ураганот кој доаѓа и да се потсетат на настаните од минатата година, кога урагани пустошеа низ истата област и нанесоа голема штета на Порторико.

На социјлните мрежи во САД веќе се појавуваат фотографии и снимки од гужви во локалните маркети и продавници со опрема за заштита од временски непогоди, а редови се забележани и на бензинските пумпи.

Жителите на крајбрежните области ги заштитуваат своите домови од ураганот што е можно повеќе, главно поставувајќи дрвени табли на прозорците и вратите на куќите, а потоа се пакуваат и заминуваат пред ураганот да ја погоди нивната област.

Според Си-ен-ен, мобилизирана е националната гарда со цел да им помогне на земјите што се наоѓаат на удар на ураганот. Претседателот Трамп прогласи вонредна состојба во Северна Каролина така што земјата може да располага со дополнителни парични средства од федералните резерви.

Доцна синоќа, задолжителната евакуација беше проширена на уште шест области, а се очекува денеска истата да се прошири на уште повеќе региони.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести