Долги години по смртта, Методија Андонов - Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети.

Објавил: Владо Марин | 24 јули, 2020 18:29

НЕЗАБОРАВ: 63 години од смртта на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

63 години од смртта на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто.

Со седницата заседаваше Методија Андонов-Ченто, како Претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а подоцна и на Президиумот на АСНОМ. Ченто ја започна седницата со збо-ровите:

“Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме”, а потоа постави реторичко прашање: „А како ќе се вика таа држава?” и одговори: „Разбира се – Македонија. Дали некој има подруго мислење?” Сите одобруваа.”

Методија Андонов – Ченто беше македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Често, поради неговата функција на претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто се именува и како прв Претседател на Македонија.

Роден е на 17 август 1902 година во Прилеп во близина на денешниот фудбалски стадион како прво здраво дете по неколкуте починати деца на неговите родители Андон, кој бил по потекло од прилепското село Леништа, и Захарија (Зака), која била по потекло од прилепското село Плетвар. Уште од најрана возраст, работел по прилепските тутунски и афионски полиња! 

Во младоста бил одличен и истакнат гимнастичар. Завршил средно трговско училиште во Прилеп и во 1926 година отвора бакалско-угостителски дуќан и си обезбедува пристојна егзистенција. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучува граѓански брак со Василка Спирова Поп-Атанасова.

Првите несогласици на Ченто со комунистите, особено со Светозар Вукмановиќ – Темпо, почнуваат многу брзо по неговото преминување на слободна територија. Меѓу другото, Ченто упатува забелешки на содржината на Манифестот на Главниот штаб.[се бара извор]

По ослободувањето на земјата несогласиците со тогашниот македонски врв продолжуваат. Ченто се противи 15-от македонски корпус да оди на Сремскиот фронт, се залага за обединување и поголема самостојност на Македонија, се противи на враќање на имотот на избеганите српски колонисти и се залага за поголема финансиска независност и залагање за сопствен буџет на Македонија и на останатите југословенски републики.

Комунистите пополека му ја одземаат реалната власт и поради несогласувањето со мерките што ги преземаат комунистите, Ченто на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија.

Сака да се повлече од политиката и намира да живее во Прилеп, но на 14 јули е уапсен од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него е покренат обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд во состав: Панта Марина(претседател) и Лазар Мојсов и Коле Чашуле, членови. Судењето трае доста кратко и по два дена, на 21 ноември, Ченто е осуден на 11 години затвор. Затворен е во скопскиот затвор „Идризово“ каде во најтешки услови бил во „специјалната ќелија“ и бил чуван од посебна стража и му биле дозволувани триесет минутни прошетки на одредено место во затворот и еднаш неделно биле дозволувани посети на членовите на неговото семејство. Додека бил во затвор, властите често му нуделе да признае и потпише дека згрешил и се покајува, по што животот ќе му бил наполно обезбеден.

Пуштен е условно на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор. Сепак затворскиот живот остава траги врз неговото здравје. Бара од Тито да му дадат пасош за да отиде да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен. Осамен и во тешки болки и маки, Ченто на 24 јули 1957 умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп. И по излегувањето од затворот не се откажал од идеите на самостојна и обединета Македонија.

Долги години по смртта, Методија Андонов – Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети.

Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов – Ченто, е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија постхумно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија“ орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.