Како министер од доверба на Груевски, Тодоров беше еден од креаторите на Пржинскиот договор

Објавил: Данаил Михајловски | 12 декември, 2018 7:26

Никола Тодоров го пишува законот за помилување?

Фото/Текст извор: ©магазин

Министерката за правда, Рената Дескоска, делумно е во право кога тврди дека предлог законот за селективно помилување не се пишува во министерството за правда. Точно. Откако е таа министерка, многу битни закони, па и предлог уставни измени, за среќа или за жал, не се пишуваат во и од министерството за правда.

Но, за предлог законот за помилување е точно. Овој предлог закон, според информации добиени од еден од осумтемина независни пратеници кои гласаа за уставните измени, се пишува во канцеларијата на адвокатот Никола Тодоров, поранешен министер за образование и за здравство, во владата на Груевски. Според истите извори, главен ко-автор на овој законски текст е заменик министерот за правда, Оливер Ристовски (исто адвокат по занимање), кој важи за човек од многу поголема доверба на Заев во споредба со министерката Дескоска.

Вчера порталот joci.mk објави вест дека независната пратеничка Канческа и пратеникот Артан Груби (ДУИ) биле на кафе во адвокатската канцеларија на Нино Тодоров. Последниов период и Тодоров и Канческа се едни од главните медиумски ликови кои ги промовираат уставните измени.

Тодоров и Ристовски остварувале повремени средби, се разбира, надвор од министерството за правда, а по насоки добиени од премиерот Заев, со цел да изготват нацрт-текст на закон за помирување и помилување со кој ќе можат да бидат задоволни и пратениците на СДСМ, но и осумте независни пратеници кои очекуваат да го добијат она што им беше ветено пред гласањето за иницијативата за уставните измени. На нацрт-текстот на овој предлог закон повремено помага и Билјана Бришковска, поранешен заменик министер за правда и близок соработник на Никола Тодоров. Одредени сугестии за законскиот текст имаат и правните застапници на пратениците Мукоски, Арнаудов и Василевски, кои се заинтересирани за што поскоро и попрецизно утврдување на законските одредби за амнестија, а поврзано со тешките обвиненија што власта им ги натовари за инцидентот од 27-ми Април.

Вчера, во посета на адвокатската канцеларија на Никола Тодоров, според објавата на порталот joci.mk , биле и пратениците Елизабета Канческа Милевска (поранешна министерка за култура во владата на Груевски) и пратеникот од ДУИ, Артан Груби. Пратеничката Канческа се интересирала до каде е пишувањето на законот за амнестија, бидејќи таа како координатор на независната пратеничка група, ќе треба да го потпише и да го образложи текстот. Овој предлог закон беше најавуван од Ременски, Заев и Канческа, дека ќе се случи уште пред 10 дена, но очигледно дека политичките пазарења на страните кои имаат интерес од овој законски текст не одат така едноставно. Дел од пратениците од независната пратеничка група, според информациите тоа се Мукоски и Емилија Александрова, стравувале дека ќе бидат изиграни и дека нема да го добијат ветеното од Заев, и покрај нивното договорено гласање за уставните измени. Затоа задачата превземена од Никола Тодоров и Оливер Ристовски не е нималку едноставна, а истата треба да биде завршена оваа недела. Иронијата е во тоа што потоа, тој предлог-закон за селективна амнестија ќе го потпишат пратениците Канческа, Александрова, Мукоски и другите, како нивен предлог закон, иако е јасно дека им го пишуваат други поранешни и актуелни политичари. Ваквото постапување со битните законски решенија само покажува дека Собранието е помалку битната институција, која е задложена само да гласа, додека законите се составуваат надвор од законодавниот дом, пишувани од претставници на извршната власт и поединци кои имаат одреден личен интерес за политичка соработка со власта. На оваа тема за овој закон било разговарано и на неодамнешната средба меѓу Зоран Заев, Никола Тодоров и Митко Јанчев, која се одржа во доцните ноќни часови во еден хотел во Струмица. Во меѓувреме министерката Дескоска, иако е носител на одговорноста во ресорот правда, веројатно ќе продолжи да игра секундарна улога во сите овие процеси, држејќи прес конференции за сместувањето и екстрадицијата на Груевски како политички азилант во Будимпешта..

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.