Македонија се соочува со уникатен проблем во Европа, каде нејзиниот сосед Грција бара да се преименува, да се преименува и националниот идентитет на мнозинството од населението

Објавил: Мирко Бачиќ | 17 октомври, 2018 6:18

Оваа Влада мора да замине, ние ќе постигнеме подобар договор со Грција

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Соработката помеѓу Западен Балкан и ЕУ е клучна за стабилноста на регионот. Само јасен пат кон членството во ЕУ на сите земји во регионот е клучот за успех.

Мојата политичка партија ВМРО – ДПМНЕ силно верува дека иднината на Република Македонија е во ЕУ и во НАТО, рече потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ Александар Николоски во своето обраќање на конференција на ЕПП на тема „ЕУ – Западен Балкан како заедно да ја изградиме нашата заедничка иднина?“

Во текот на изминатите месеци фокусот на регионот е на Македонија поради договорот за спорот со името со Грција. Македонија се соочува со уникатен проблем во Европа, каде нејзиниот сосед Грција бара да се преименува, да се преименува и националниот идентитет на мнозинството од населението. Ова барање е во спротивност со декларацијата за слобода на самоопределување,основните човекови права и достоинството. Сепак Грција го користи своето членство во ЕУ и НАТО како алатка за блокирање на иднината на Македонија. – рече Николоски.

Тој кажа дека има најмалку четири главни настани и грешки кои биле направени од страна на Владата, тоа се злоупотреба на проблемот за добивање политички поени и за лични интереси. Второ опозицијата беше целосно исклучена од процесот. Трето беше напуштањето на рамката на преговори во Обединетите нации и понатаму прифаќањето на промена на Уставот.

Според Николоски опозицијата била целосно исклучена во текот на целиот процес за преговори за името и владата преговарала сама.

Владата потпиша договор кој без ВМРО – ДПМНЕ не може да се спроведе. Се обидовме да бидеме конструктивни во сите процеси, баравме информации кои речиси никогаш не ги добивавме, дававме предлози кои никогаш не беа сфатени сериозно. Кога се разговараше за референдумот, ја предложивме формата на прашањето, предложивме две одделни прашања. Дали се согласувате Македонија да влезе во ЕУ и второто, дали се согласувате со договорот со Грција. На тој начин луѓето може слободно да одговараат на двете.

Прашањето што владата го постави на референдумот беше повеќезначно и една од главните причини што луѓето останаа дома и не гласаа. И тој предлог беше одбиен. Кампањата на референдумот беше направена во поларизирана атмосфера со главна цел да се затвори опозицијата. Повеќе од 300 луѓе од опозицијата се на удар на Владата и судскиот систем што е во нивни раце. Многу случаи беа фабрикувани за оваа цел. Најдобар доказ за ова е вчерашната изјава на премиерот велејќи дека тој е подготвен за амнестија, само ако пратениците гласаат за уставните измени, што ги докажа сомневањата во јавноста дека ги создал овие случаи, како чипови за преговарање во неговите раце. Поради сето ова референдумот не успеа. Поради овие причини, не поради желбата на ВМРО-ДПМНЕ, туку поради желбата на луѓето кои се против договорот. – смета Николоски.

Тој додаде дека третата грешка е напуштањето на рамката за преговори во Обединетите нации. Обединетите нации се механизам кој им помага на помалите држави, како што е Македонија, со цел да се заштитат од поголемите како што е Грција.

Не беше случајно тоа што овој механизам беше воспоставен и не случајно генералниот секретар на ОН имаше свој специјален пратеник, Метју Нимиц.

Денот кога владата одлучи да ги напушти овие принципи и да започне директни преговори, прво помеѓу министрите за надворешни работи и потоа помеѓу премиерите, беше денот кога Македонија го загуби своето име, а Македонците го изгубија својот идентитет.

Прифаќањето на промената на Уставот беше црвената линија што ниту една друга Влада не ја помина, а тоа е една од главните причини зошто луѓето не го прифаќаат договорот. Исто така не смее да се заборави дека владата направи масовно полнење на кутии, повеќе од 3.5% ливчиња беа незаконски ставани во гласачките кутии. Математиката укажува на тоа дека постојат места каде што гласале луѓе на секои 2.4 секунди, или на секои 5 секунди или на секои 9 секунди. Тоа не е можно! Побаравме комисија во собранието и обвинителот да го истражат ова, а Владата го отфрли и барањето истиот ден, што покажува дека имаат што да скријат. Сега мора да се соочиме со реалноста.

Македонија има европска иднина и ние веруваме во тоа. Знаеме дека тоа е преку договор со Грција. Но, ние мора да бидеме реални. Договорот мора да биде таков што може да биде прифатен од македонскиот народ. Затоа ВМРО-ДПМНЕ верува дека кога ќе имаме шанса да ја водиме Владата, ќе можеме да постигнеме подобар договор со Грција, договор кој ќе биде избалансиран и во корист на Македонија, не само во корист на Грција. Овој договор мора да се соочи со реалноста и граѓаните да можат да живеат со него. Свесен сум дека Грција ќе се вклучи во изнаоѓање на подобар договор, бидејќи е и од нивен интерес да има стабилен регион и да има договор што ќе може да биде прифатен. Договор кој ќе ги почитува правата на Македонците да имаат своја држава и свој идентитет. Тоа е договор кој може да биде прифатен и да биде во полза на сите. Во меѓувреме мора да се фокусираме на работа. Борбата против корупцијата, владеењето на правото и подобрата економија не се поврзани со проблемот со името, туку се поврзани со работа што оваа Влада не го прави и поради тоа оваа Влада мора да замине. – рече Николоски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести