Телевизија 24 дознава дека Кантуров се криел во својата куќа на месноста Рамина и сам се предал, откако полицијата по телефон преговарала преку неговиот брат,

Објавил: Македонка Димкин | 3 февруари, 2020 17:42

Ова е напаѓачот на полицаецот кој вчера беше ранет во Велес!

Фото/Текст извор: ©ТВ24 / магазин

Неполни 24 часа траеше потрагата по напаѓачот на полицаецот од Велес. Полицијата утрово околу 10 часот го уапси 31 годишниот Ѓохан Кантуров, кој вчера, на гробиштата на црквата Свети Спас во Велес, со три куршуми го рани 46 годишниот полицаец известува Телевизија 24

Телевизија 24 дознава дека Кантуров се криел во својата куќа на месноста Рамина и сам се предал, откако полицијата по телефон преговарала преку неговиот брат, кој исто така учествувал во нападот и е уапсен уште вчера. Сепак, од МВР официјални детали од апсењето не соопштуваат.

Со детален опис на настанот денеска излезе и јавното обвинителство. Оттаму велат дека двајцата полицајци во цивилна облека вршеле работни задачи за да ги откријат сторителите на се почестите кражби на чанти и паричници од луѓе кои ги посетувале гробиштата. Во еден момент тројцата браќа Кантурови и едно дете физички ги нападнале полицајците. Сега повредениот го турнале на земја, а неговата колешка ја онеспособиле со неколку удари. Додека детето ја задржувало полицајката да не стане од земја, еден од осомничените му го одзел пиштолот на полицаецот и додека тој бил на земја испукал три куршуми во него. Пиштолот се закочил, па полицаецот успеал да стане и да побегне, а напаѓачот почнал да го брка испукувајќи уште еден куршум, по што побегнал.

Ѓохан Кантуров од поодамна и е познат на полицијата како сторител на кривични дела, а бил осудуван и на затворски казни. За Независниот полициски синдикат, нападот врз полицаецот е напад врз државата. Оттаму бараат обвинителството и надлежниот суд да ја променат досегашната пракса на неказнување и пуштање на слобода на извршителите на кривични дела над полициски службеници и тие да се соочат со најстроги казни.

„Како што досега баравме така и во иднина ќе бараме да се направат измени во Законот за полиција и Кривичниот законик и за кривичните дела сторени над полициски службеници, кои секојдневно се соочуваат со разни предизвици при извршувањето на работните задачи, а во служба на граѓаните, да се спроведуваат итни постапки за сторителите преку соодветна правна регулатива.

Здравствената состојба на повредениот полицаец е стабилна. Тој е контактибилен и се опоравува од повредите на скопските клиники. Вистинска среќа е што ниту еден од трите куршуми кој го погодиле, не повредил витален орган, иако два од нив завршиле во неговиот стомак, а еден во ногата. Обвинителството ќе ги товари Ѓохан Кантуров за обид за убиство, а неговите браќа за напад врз службено лице. За сите нив бара определување притвор.

 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести