Сашо Орданоски со остри критики за неодговорноста на ДУИ пред законот

Објавил: Узунов Бобан | 8 март, 2019 8:54

Ордановски: Додека го читате ова, некој функционер на ДУИ договара валкана зделка, зема поткуп или рекет

Фото/Текст извор: ©civilmedia.mk/магазин

Аналитичарот Сашо Орданоски, близок до СДСМ, во колумна објавена на порталот civilmedia.mk, “Последната битка на Али Ахмети”, го поставува прашањето дали ДУИ,  коалициониот партнер на СДСМ и поддржувач на кандидатурата на Стево Пендаровски, за кој самиот има изјавено дека се криминално здружение, прашува дали ДУИ ќе бидат исклучени од кривична одговорност и некој некогаш од нив ќе одговараат пред законот.

Ако е така, тогаш јавноста се прашува, зошто Орданоски и таквите како него поддржуваат кандидатура за претседател поддржана од партија која зема рекет ?  Во прилог целата колумна

Во центарот на македонската јавна политичка преокупација и во овој момент, како и со години наназад, не е кои се кандидатите за претседателските избори, колкави се странските инвестиции, дали просечната плата е порасната за десет евра, па дури ни дали сме станале членки на НАТО и дали ќе добиеме датум за отпочнување преговори со ЕУ. Не се тоа неважни теми, но…

Во центарот на општествено-политичкиот интерес кај мнозинството граѓани, независно од нивната етничка, партиска или генерациска припадност, е прашањето за состојбата со испорачувањето на ПРАВДАТА во државата.

Нема правда, нема мир!

Тоа прашање ќе ги одлучи овие, како и наредните избори: дали доволно граѓани ќе излезат на гласање за претседател нема да решат партиите, па ниту квалитетот на кандидатите или нивните пропагандни пораки – за тоа ќе реши бројот на оние кои ќе се почувствуваат изневерени примарно по прашањето на испорачувањето на правдата во државава. Тоа е клучниот критериум за достигнувањето на цензусот за бројот на гласачи.

Приказната со Законот за СЈО веќе наликува на важноста на сојузничкото истоварување кај Нормандија за добивање на Битката за Европа во Втората светска војна, или онаа за островот Иво Џима за решавање на превласта на Пацифичкиот фронт. Целокупната „тешка артилерија“ и од двете страни – за и против СЈО – е извадена на мегдан, се пука од сите орудија, а точно се забележуваат и предавниците, странските помагачи, пребезите и „луѓето во сенка“ во нашите и во нивните редови.

Битката е само наизглед за СЈО. Всушност, кога ќе се исчистат сите слоеви и магли на вистинските и лажните аргументи и кога ќе се подразбере животниот интерес на ВМРО-ДПМНЕ ова обвинителство да го снема од ликот на Земјината топка (бидејќи тоа е симболот на нивниот продолжен персонален, политички и партиски јад и чемер!) – значи, кога ќе го погледнете проблемот макар од мала дистанца, ви станува јасно дека суштината на решавањето на спорот со тоа како да ја продолжи својата работа СЈО веројатно најмногу ќе ја определи судбината на – ДУИ. Тоа, макар и на симболично ниво, ќе има суштинско влијание врз политичкиот систем во Македонија: дали, доколку припаѓате на кинг-мејкерскиот политички фактор во државава, ДУИ, правосудниот систем има право да ве гони за сомневања за сторен криминал од позиција на вечното партиципирање во власта?

Неодговорноста пред законот е веќе условен рефлекс кај припадниците на ДУИ. Нив, буквално, не ги допираат заложбите за борба против криминалот и корупцијата во државата, па макар доаѓале и од највисоките нивоа на власта, поддржани и од Американците. Додека ова го читате, некој функционер на ДУИ договара валкана зделка, зема поткуп или рекет и седи во некоја кафеана каде што, во „второстепена постапка“, се распределуваат тендери „под рака“. И никој ништо не им може, бидејќи се тие апсолутно над законот, недопирливи од никаков орган, служба или институција која спроведува каков било вид на правда или закон. Па дури ни наплата на прекршочни казни за погрешно паркирање!

По таа линија се одвиваат и најделикатните „трговии“ за судбината на Законот за СЈО, односно прочуените напори за постигнување „консензус“: не знаеш дали ВМРО-ДПМНЕ или овие од ДУИ се потешки за преговори. Со тоа што кај вмровците гневот и нетрпението кон СЈО се јавни и транспарентно неодмерени; кај ДУИ се „цици-мици-мазни-пици“ барања и ултиматуми, подеднакво опасни и правдо-негаторски како и оние на вмровците.

После етаблирањето на СЈО, ништо во македонската политика не е исто. Освен ДУИ. Сè уште.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести