Државата треба да ги преземе сите мерки да ја гарантира оваа независност

Објавил: admin@magazin | 24 април, 2019 12:26

Османи: Скандалозен и срамен чин на упад во уставно загарантираната автономија на ИВЗ

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

За Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и неговата матична партија  ДУИ, скандалозен и срамен е чинот на упад врз автономијата на уставно загарантираната автономија на  Исламската верска заедница (ИВЗ) .

Затоа, како што рече, државата треба да ги преземе сите мерки да ја гарантира оваа независност и оваа автономија на верските заедници вклучувајќи ја и ИВЗ.

На тоа реагираше Ријасетот на ИВЗ и лично реисот Реџепи, обвинувајќи ги Комисијата за верски заедници и владата за грубо мешање во нивната работа.

Проблемот во ИВЗ ескалира вчера попладне кога со одлука на судот за нов поглавар на ИВЗ беше назначен Скендер Бузаку, кој најави дека од денеска го презема раководењето со верската заедница. Тој притоа напомена дека ја повикал финансиската полиција да ги детектира неправилностите во работата на раководните тела на ИВЗ.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски по повод ова прашање претпладнево, на редовната прес конференција, истакна дека Северна Македонија е секуларна држава и Владата не се меша во работата на верските заедници.

Во врска со обвинувањата на реисот Сулејман Реџепи упатени кон Владата, Бошњаковски истакна дека Владата осудува говор на омраза, како и секогаш досега и додаде дека институциите што се вклучени во одредени проблематики што се случуваат во ИВЗ ќе го дадат и својот збор во дадено време.

И Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи денеска остро демантираше каква било нивна вмешаност во последните случувања и превирања во Исламската верска заедница (ИВЗ), за што синоќа беше обвинета од реис ул улемата на ИВР Сулејман Реџепи.

Во синоќешниот настап, по одржаната вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ, Реџепи во дел од својата изјава ги обвини директорот на Комисијата за односи со верските заедници и владата дека се вмешани во последните случувања во Исламската верска заедница.

И од обвинителството велат дека ги следат изјавите на реисот Реџепи за кого претходно имаат отворено предмет по изјавата за која што тој вели дека Македонците се без корен и идентитет.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести