Охрид победи, после тешката неизвесност, Сара се врати дома жива и здрава!

Објавил: Перо Милчин | 1 март, 2019 16:28

Охрид и Македонија победија, Сара Настеска се врати дома жива и здрава!

Фото/Текст извор: ©онлине магаѕин

Блиските членови на 15-годишната Сара Настеска, преку писмо ја информираа јавноста дека Сара се врати дома жива и здрава, после успешната операција од Германија.

Петнаестгодишната Сара Настеска од Охрид заедно со своето семејство пред неколку месеци отпатува за Германија каде го започна нејзиното лекување, овозможено благодарение на многу хуманитарни акции спроведени низ целата земја.

Нејзините родители преку писмо се обратија во јавноста и се заблагодарија на сите хумани луѓе кои ги подржуваа во најтешките моменти. Сара вчера се врати во родниот Охрид жива и здрава.

ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ПИСМОТО ВО ЦЕЛОСТ :

Почитувани,
Охрид победи, Сара се врати дома жива и здрава!
Почитувани, познати и непознати, ЛУЃЕ во вистинска смисла на зборот,
Со овие неколку зборови сакаме да Ве известиме дека го поминавме најтешкиот дел од патот. Поминавме тешки моменти, сигурно најтешките во нашите животи, поминавме многу, но ги поминавме на крилата на поддршката која токму ВИЕ ни ја дадовте.

Сара Настеска се врати во родниот град Охрид, после успешната операција која и беше извршена во Германија.

Сара синоќа пристигна во Македонија, а од утрово е веќе во својот дом во Охрид. Заврши третманот во болницата во Германија и состојбата на Сара секој ден се подобрува и нормализира. Треба да се направат повеќе контроли, да се почитуваат строгите насоки и препораки дадени од медицинските лица, но сепак, најтешкото е веќе зад нас.

Сега ние знаеме колку големо срце имаат охриѓани, но и сите граѓани од целата држава, од целиот свет, кои ни помогнаа кога ни беше најтешко. Секој збор е премал, што и да кажеме е недоволно за да ја изразиме нашата благодарност. Единствено што можеме е да помагаме и ние натаму, колку што можеме, онаму каде што е најпотребно.

Токму тоа и ќе биде нашата мисија и преку секоја спасена детска насмевка ќе кажеме по едно благодариме за се` што ВИЕ направивте за нас.
Од срце ВИ БЛАГОДАРИМЕ за секој денар, за секоја насмевка, секој збор за поддршка, секоја прегратка за да ја поделиме болката заедно.
Ви благодариме ОД СРЦЕ, семејство Настески.

Нејзиното семејство упати огромна благодарност до сите што помогнаа за реализацијата на целта – почеток на лекувањето на Сара, на која во август и беше дијагностицирана Anemia Aplastica, болест што може да се лекува со трансплантација на коскева срж.

За лекување на Сара во Германија беа потребни околу 200 илјади евра, средства што нејзиното семејство не можеше да ги обезбеди. Парите беа собрани преку донации откако беше мобилизирана речиси целата јавност во Охрид, што потоа се прошири низ целата земја, демонстрирајќи ја хуманоста на поединци, лица од уметноста, пејачи, спортски клубови, институции, фирми, установи.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести