Првиот работен ден за обвинителката Вилма Русковска, како нов шеф на јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција започна со истрага за Груевски

Објавил: Мартин Попоски | 15 ноември, 2018 14:11

ОЈО отвори истрага за бегството на Груевски, на список половина влада?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за бегството на Никола Груевски.

Од ОЈО соопштуваат дека предметот е формиран по стандарни процедури.

Имено ОЈО информира дека „следејќи ги информациите во врска со бегството на осудениот Н.Г., како и написите на медиумите и интересот на јавноста, оформи предмет по допрен глас. 

Во врска со настанот постојат основи на сомневање дека одредени службени лица, злоупотребувајќи ја својата службената положба и овластување, му овозможиле на осудениот нелегално да ја напушти Република Македонија. Предметот е доделен на надлежен обвинител и во рамки на предистражната постапка  издадени се наредби за прибирање податоци поврзани со настанот. – се вели во соопштението.

И портпаролот на владата Миле Бошњаковски денеска информира дека внатрешната контрола на МВР веќе започнала со испитување на евентуална вклученост на претставници од полицијата во планот за бегство на Груевски.

МВР истражува на кој начин Груевски ја напуштил Македонија, како и дали имал надворешни помагатели.

Предметот, како што е посочено, е доделен на надлежен обвинител и во рамки на предистражната постапка издадени се наредби за прибирање податоци поврзани со настанот.

Ова е прв предмет на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција откако синоќа за претседател е именувана Вилма Русковска, обвинителка за немилите настани од Собранието минатата година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.