– Тоа јасно го гледаме кога апостол Павле, доаѓајќи од Троја, имал едно видение. Некој Македонец го моли: „Прејди во Македонија и помогни ни“.

Објавил: Перо Милчин | 3 ноември, 2019 10:16

ПАПАТА ФРАНЦИСК СО ПОДДРШКА ЗА МАКЕДОНИЈА: На земјата местото и е во Европското семејство!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Папата Франциск, поглаварот на Католичката црква, во својата последна проповед во Ватикан застана во одбрана на Република Македонија и рече дека на Македонија местото ѝ е во Европската Унија. Тој исто така изјави дека македонскиот народ му останал во многу убаво сеќавање при посетата на земјава која се одржа во мај годинава.

Во мај годинава Република Македонија достојно го пречека папата Франциск, поглаварот на Католичката црква, при неговата прва историска посета на нашата земја.

Протоколот за предвидени посети помина во најдобар ред, со присуство на голем број верници од соседството и од регионот. Папата се задржа само десет часа во Македонија но покажа големо задоволство и радост кон земјата.  При неговото заминување тој порача дека Македонија е мост меѓу Истокот и Западот.

Претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев го пречекаа папата на скопскиот аеродром, а потоа и на официјалниот пречек во претседателската резиденција на Водно. Таму, покрај претседателот во заминување и премиерот, беа присутни Стево Пендаровски, претседателот што треба да стапи на функција, и претставници на Владата и на Католичката црква во Македонија.

Неодамна папата на аудиенција во Ватикан рекол дека му останало убаво сеќавање од македонскиот народ во текот на неговата посета во мај годинава.,

– Тоа јасно го гледаме кога апостол Павле, доаѓајќи од Троја, имал едно видение. Некој Македонец го моли: „Прејди во Македонија и помогни ни“. Народот на Македонија се гордее со тоа, многу се гордее со тоа дека го повикале Павле токму тој да им го навести Исус Христос. Ми остана убаво сеќавање од тој добар народ, кој многу добро ме прими.

Нека ја чуваат оваа вера што Павле им ја проповедаше. Апостолот без никакво колебање заминува во Македонија, уверен дека го испраќа самиот Бог, и доаѓа во Филипи, „римска колонија“, на Виа Игнација да го проповеда евангелието. Павле овде се задржува неколку дена. Три настани ја карактеризираат неговата посета, евангелизацијата и крштевањето на Лидија и нејзиното семејство. Тука го имаме сведочењето за доаѓањето на христијанството во Европа, тоа е почеток на процесот на инкултурација, која трае и до денес. Тоа дојде од Македонија – рекол папата на аудиенцијата во Ватикан.

– Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се слеваат многу културни струи, каде што се обединуваат многуте карактеристики на овој регион. Со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконостаси во старите цркви, кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на апостолите, се изразува нејзината богата илјадалетна култура што ја наследила., рече папата при посетата во Македонија, во мај годинава.

Познавачите на верските состојби велат дека оваа порака на папата треба да се гледа и низ призмата на последните случувања на политички план со недобивањето датум за преговори за Македонија.

– Секоја проповед на папата е порака, ништо не е случајно, ништо не е без цел. Ова е потсетување кон политичките лидери во Европа дека Македонија е Европа и нејзиното место е во европското семејство – велат познавачите на црковните состојби.

Папата во Македонија се сретна и со претставниците на петте верски заедници што се вклучени во Уставот на државата во спомен-куќата на Мајка Тереза, како и со сиромашни луѓе и со оние што им припаѓаат на ранливите категории на граѓани.

Во своето обраќање папата Франциск ги истакна солидарноста и хуманоста со бегалската трагедија што ги покажаа граѓаните и надлежните хуманитарни организации во Република Македонија.

– Ве охрабрувам да го следите верно почнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграција што ќе роди плодови помеѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе можат да изградат заедничка иднина, учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе. Бог да ве пази и да ја благослови Северна Македонија, да ја зачува хармонијата и да даде просперитет и радост – порача светиот отец, папата Франциск.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.