Што се случува на Клиниката за хематологија.

Објавил: Узунов Бобан | 13 јуни, 2019 8:42

Пациентите на хематологија 10 дена без лекови, директорката со конфузни изјави ?

Фото/Текст извор: ©kurir.mk/magazin

Скандалите поврзани со клиниката за Хематологија никако да престанат овие денови, но за жал поради лични и семејни интереси најмногу страдаат пациентите кои овие денови останаа и без два лека кои им се неопходни од нивната терапија.

Ирина Пановска беша ставена и на тапет кај Комисијата за спречување на корупција. В.Д. директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска, повторно се најде на тапет кај Комисијата за спречување на корупција – овој пат за ненавремено поднесување на анкетниот лист. ДКСK, одлучи да поднесе прекршочна пријава против Пановска, која била именувана на 4 август 2017-та поднела само еднаш анкетен лист, иако тоа требало да го прави на секои шест месеци.Антикорупциска претходно отвори предмет за можна корупција при тендерска постапкa со фирмамата „Др Пановски“ во сопственост на нејзиниот татко.

Редакцијата на КУРИР по ова ја контактираше директорката на Клиниката за Хематологија, Ирина Пановска Ставридис која нелогично ни изјави дека ниту еден пациент не е оставен без терапија, додека блиски роднини на пациентите тврдат сосема спротивно.

Ниту еден пациент не е оставен без неопходен лек, особено не тешко болните, проблемот е што пациентите сакаат да земат месечни залихи за лекови, а во моментов можеме да ги опслужиме со лекови до следната недела, само тука е разликата, вели за КУРИР Пановска Ставридис.

Таа додава дека лекот „Хидроксиуреа“ го има, но во мала количина бидејќи набавувачот има некој проблем со испораката, но до понеделник ќе има неопходни количини на лекот.

-Тоа не се лекови кои ги загрозуваат пациентите, вели директорката во изјава за КУРИР.

Сепак изјавата на директорката дадена за КУРИР и вчерашната дадена за 24 инфо на директорката не се совпаѓаат.

-Тендерот е при крај, треба да поминат уште два дена за да истече законскиот рок за да можат да се повлечат лековите. Состојбата не е толку алармантна и два дена да не се напијат лек– вели директорката. Според неа лекови треба да има до петок, но не кажа конкретно кои лекови треба да стигнат до петок, вели Пановска за 24 инфо.

Пациентите се во паника. Велат дека дел од нив имаат многу тешки дијагнози и дека веќе една недела се без таблети.

– Мајка ми е на „тромборедуктин“ веќе две години. Има тромбоцитопенија, зголемен број на тромбоцити во крвта. Ако не го пие лекот може да добие мозочен или срцев удар во секој момент- вели Анета, ќерка на пациентка на хематологија.

Од Хематологија исто така категорично ја демантираат информацијата дека пациентите на хематологија со најтешки болести се оставени без лекови и соодветна терапија, со што ја демантираат и директорката која во изјава за друг медиум потврди дека лекови нема и не е страшно доколку пациентите не земат терапија неколку денови.

-Категорично ја демантирам информацијата дека на ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија пациентите со најтешки болести се оставени без лекови и соодветна терапија. Тоа е уште една од низата лажни вести која има за цел да го дискредитира јавното здравство. Земајќи предвид дека во тек е јавната набавка која ја спроведува министерството за здравство, во овој период расположливата количина на лекови ја распоредуваме на неделно ниво. Сметано од следната недела, после приемот на целата количина на лекови, ќе се вратиме на праксата да ги сервисираме месечните потреби на тешко болните пациенти. Сметам, дека вештачкото креирање паника во јавноста, никому не оди во прилог. Не смееме да заборавиме дека сите сме потенцијални пациенти и довербата во јавното здравство е општествена обврска на сите чинители, стои во одговорот на Хематологија до КУРИР. 

Инаку лекарите од Хематологија неодамна поднесоа Претставка до Антикорупциската комисија поради сомневање за начинот на делење на тендери и фаворизирање на одредени фирми од страна на Др. Ирина Пановска.

Само еден ден откако Антикорупциска комисија отвори предмет за да го истражи судирот на интереси на Клиниката за хематологија се огласија од Јавното обвинителство од каде соопштија дека „во посебниот извештај на Управата за финансиска полиција, не се утврдени повреди во постапката по јавните набавки, ниту е утврден судир на интереси кај одговорните лица, туку јавната набавка во целост и во сите фази е спроведена согласно закон“.

Наспроти ваквите тврдења на Финансиската полиција, во Претставката испратена до Антикорупциска со која се бара да се отвори предмет за роднинските врски на првите луѓе на Kлиниката за хематологија и веледрогеријата „д-р Пановски“, а до кој дојде НОВА, се наведуваат повеќе примери зошто треба да се констатира судир на интереси кој влијае на квалитетот на здравствените услуги и на набавките на лекови.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.