Извори од владинот кабинет на премиерот Ципрас лиферуваат информации дека предвремени избори во Грција мора да има во март, но и дека премиерот не се надева на втор мандат

Објавил: Мартин Попоски | 27 ноември, 2018 6:19

Паѓа владата на Ципрас, во март предвремени избори

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Серија домашни, но и меѓународни случувања деновиве ги подгреваат шпекулациите дека владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас би можела да распише предвремени парламентарни избори во март 2019 година.

По изборите, повеќе од извесно е дека Цирас нема да има ни мнозинство но можност повторно да формира влада.

Иако Ципрас во секоја прилика повторува дека очекува неговата влада да го исполни четиригодишниот мандат, што подразбира редовни избори на есен следната година, извори блиски до грчкиот премиер откриваат дека во кабинетот владее загриженост од можни реперкусии од кризата меѓу Италија и ЕУ врз Грција.

Имено, се појавиле сомнежи дека превирањата околу буџетот на Италија би можеле да продолжат се до Европските избори во мај. Таквите превирања, заедно со домашните проблеми, веќе почнале да се чувствуваат врз приносите од грчките обврзници.

Тоа би им го отежнало на властите  планирањето на следниот чекор на меѓународните пазари, потег што Ципрас посакуваше да го обезбеди како поддршка за наративот дека грчката економија е ослободена од меѓународната контрола и оти се движи кон самоодржливост.

За следната година приходите се уште понепредвидливи. “Катимерини” пишува дека во случај економијата да не може да го потврди наративот на Ципрас, нему повеќе би му одговарале избори додека се уште има што да понуди на електоратот, отколку да остане на власт уште една година во која тврдењата за самоодржливост на Грција би биле демантирани.

Дополнително, серијата бенефиции што Ципрас ги вети за државните службеници, за граѓаните со ниски приходи и за самовработените професионалци, ќе бидат исплатени во првите два месеца од 2019 година. Веројатно, тој ќе сака предизборно да се обрати кон гласачите додека сеќавањата на таквите чекори се се уште свежи.

Во следните неколку месеци исто така се очекуваат и други крупни одлуки од власта во Атина.

Договорот со архиепископот Јероним, за изземање на дел од свештениците од државниот платен список, би можел да пропадне. Секако, во грчкото собрание ќе треба да се гласа и за Договорот од Преспа, што се очекува да се случи во февруари.

Исправен пред ваквите предизвици, катимерини не ја исклучува можноста од „кадифен“ развод меѓу коалициските партнери Ципрас и Каменос, кој што е отворен противник на Преспанскиот договор.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.