Стево Пендаровски свесен дека повеќе се идентификува со власта отколку со граѓаните

Објавил: Узунов Бобан | 7 март, 2019 9:52

Пендаровски го сруши концептот на Заев и Ахмети: Не сум консензуален кандидат

Фото/Текст извор: ©магазин

На вчерашното гостување на 1тв кандидатот за претседател на државата Стево Пендаровски вели за себе дека е заеднички кандидат на владејачката коалиција, а изразот „консензуален“ не е најпрецизен, затоа што не треба некој да ги добие сите милион гласови.

Со оваа изјава Стево Пендаровски го сруши концептот на Зоран Заев и Али Ахмети кои ја убедуваа јавноста дека кандидатот кој ќе го предложат ќе го обединува целото општество по етничка,  религиска и партиска припадност. На Стево Пендаровски изгледа му стана јасно дека прво начинот на кој е предложен и второ неговиот минат ангажман во политиката не му дава право себеси да се нарекува обединител на нацијата.  

За првпат во историјата, 30 политички партии, од сите етнички заедници се обединија околу заеднички кандидат за претседател на државата изјави Заев.Бројот на политички партии не одредува кој е консензуален кандидат. Лидерите на тие политички партии со бројка колку нивните семејства, од лукративни интереси и функции пред да дадат поддршка направиле пазар со лидерот на власта.  

Прво начинот на избор за кандидат за претседател на Стево Пендаровски не ги исполни ниту стандардите на демократскиот театар кој го изведуваат македонските партии во вакви ситуации. Барем ДУИ и СДСМ да изглумеа дека Стево Пендаровски е кандидат произлезен од волјата на делегатите на двете владејачки партии. Вака во четири очи, Али Ахмети предложил а Зоран Заев едногласно го прифатил Стево Пендаровски за претседателски кандидат. Не е проблем што лидерите на власта решиле да истрчаат на избори со овој концепт, проблем е што не успеале да го убедат и нивниот кандидат дека е консензуален, а уште помалку јавноста. 

Второ, од биографијата на Стево Пендаровски јасно е дека тој секогаш бил државен апартчик кој никогаш немал лидерска позиција ниту во кризни ниту тримфални моменти во македонската демократија. Имал улога на суфлер на двајца македонски претседатели, Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, бил претседател на Државната изборна комисија кој легализирал насилни избори и последно бил носител на листа на СДСМ на парламентарните избори во 2016 година. Ова значи дека Стево Пендаровски секогаш држел страна кон една политичка партија СДСМ, никогаш немал лидерска улога во процесите, а и навредил 450.000 граѓани кои во 2016 година гласале за ВМРО-ДПМНЕ нарекувајќи ги стока. Ова не се особености на човек кој на обединува нацијата. 

Светски примери на обединители на нацијата се Шарл де Гол кој ја водел француската нација во борбата против фашизмот или пак Хелмунд Кол кој го обедини германскиот народ на почетокот од 90-те години бришејќи ги трагите од децениската поделеност. Има и други примери но никој од овие не го нарекол својот народ стока затоа што имал политичко убедување различно од неговото.         

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести